На малечкиот Василиј му треба нашата љубов: Да му помогнеме да почне да го живее своето детство!
Да помогнеме сите во оваа борба. Да се сплотиме и да подадеме раце и сите заедно да помогнеме бидејќи малото бебе по име Василиј заслужува да замине во својот топол дом каде го чекаат неговите родители мајката Емилија и таткото Христијан…
Колку чини човечкиот живот? Колку чини животот на едно штотуку родено бебе, кое и покрај сите здравствени проблеми со кои се роди, не се предава туку се бори за да преживее. Животот нема цена. Во тоа се уверила и една тажна мајка, Емилија Јованоска од Прилеп, која од 14. мај, откако предвереме го родила нејзиното синче Василиј, се бори за неговиот живот.
„Јас одам секој ден да го видам, ми дозволуваат да го гледам по 5-10 минути. Тажна сум што не можам да го гушнам, да го бакнам. Се беше во ред со бременоста. Претходниот ден бев на лекарска контрола, и се беше во ред. Вечерта пред да почне полицискиот час бев во парк малку да прошетам и почувствував проблем. Веднаш отидов во болница во Битола и од таму во Скопје и во 27. недела ме породија. Никој не очекуваше дека ќе преживее, иако јас никогаш не се откажав од него и длабоко во себе се молев да издржи. И Василиј се’ уште се бори, и тој не се предава, што како мајка ми дава уште поголема надеж. Неговата борбеност и желба за живот уште повеќе не тераат да не се откажуваме. А и мајка сум, ќе се борам до последно“, рече Емилија.
На социјалните мрежи веќе се покрена акција за донирање. Добри и хумани луѓе ја сфатија болката на една очајна мајка.
Малото бебе по име Василиј заслужува да замине во својот топол дом каде го чекаат неговите родители мајката Емилија и таткото Христијан, како и најблиските членови од фамилијата. Василиј е мало бебенце, родено на 14. мај во екот на пандемијата, 27. недела од бременоста на Емилија, со само еден килограм тежина и веднаш е ставено на апарати за дишење. Поради прематуритет (односно предвременото раѓање) се создаваат компликации како крварење во малото мозоче на Василиј и појава на цисти.