Бизнис

Монтенегро како Монте Карло: Ова се милионските проекти кои Црна Гора ќе ја претворат во ексклузивно летувалиште

Црна Гора последните неколку години станала привлечна за странските инвеститори – се градат нови пристаништа, луксузни населби и ексклузивни хотели. Целта на Црна Гора е да застане рамо до рамо со топ туристичките светски дестинации.

Пред две години, Мило Џукановиќ, тогашниот премиер, а денешен претседател на Црна Гора, најавил визија дека таа земја би можела да застане рамо до рамо со Монте Карло.

Меѓутоа, дека не е се идеално зборува податокот дека многу работи не се завршени, дека работата доцни и дека има многу опструкции, поради што многу инвеститори се откажале од саканите проекти.

Во продолжение на текстот погледнете кои се проекти се направени, кои се во план да се реализираат, а кои се стопирани.

Порто Монтенегро

Порто Монтенегро е луксузна марина за јахти во Тиват. Претставува една од најлуксузните марини на Јадранот. Во комплексот има марина со 450 везови за јахти со должина од 12 до 180 метри, резиденции, деловни простори, хотел “Regent Porto Montenegro” со пет ѕвезди, Збирка од поморското наследство со вредни музејски експонати, јахт клуб…

Државниот фонд на Дубаи од мај 2016. година е 100-процентен сопственик на наутичко-туристичкиот комплекс во Тиват, што е прва инвестиција на владата на таа арапска земја во Црна Гора. Корпорацијата “Investment Corporation Dubai” договорила купување на комплексот чиј мнозински сопственик бил канадскиот милијардер и сопственик на рудник со злато, Питер Манк.

Манк кон крајот на 2006. година од Владата на Црна Гора го купил некогашното воено бродоградилиште во Тиват за 23 милиони евра и го претворил во наутичко-туристички центар со една од најсовремените марини за мегајахти и суперјахти во овој дел од светот. Инвеститорот тврди дека во комплексот инвестирал 400 милиони евра.

Луштица Беј

Во уливот на Трашта на тиватската страна на полуостровот Луштица, никнува градот Луштица Беј. Мегапроектот е проценет на околу 1,1 милијарди евра, а ќе се простира на околу 7 милиони метри квадратни. Во изградбата на населбата Марина Луштица Беј досега се инвестирани околу 145 милиони евра, а планирано во секоја од наредните години да се инвестираат по дополнителни 50 милиони евра.

Свеченото отворање на ова место, кое потсетува на Сен Тропе, како што пишуваат некои црногорски медуми, се планира за 17. август.

Мамула

Мамула е мал остров во Црн Гора, на влезот во Бокакоторскиот залив. Се наоѓа во херцеговинскиот дел на заливот, меѓу полуостровите Луштица и Превлак. Мамула е задолжителна дестинација за еднодневни излети со туристички бродови од Херцег Нови и околните места.

Околу 80 проценти од површината на островот е заземена од тврдина, која кон средината на 19. век ја изградил австроунгарскиот генерал Лазар Мамула. Во текот на двете Светски војни тврдината служела како затвор познат по својата суровост. Иако го изградила австроунгарската војска, таа никогаш не го користела за воени цели.

Во септември минатата година почнало градењето на терен за реконструкција и адаптација на тврдината Мамула и претворање во хотелски објект од висока категорија, со историска и меморијална галерија. Првобитно се зборувало дека Мамула ќе биде претворена во луксузно казино.

Портонови

Ресортот Портонови, кој се наоѓа во Кумбор, ќе почне да работи од март следната година. Проектот Портонови е вреден 650 милиони евра. Портонови ресортот, со површина од 26 хектари, ќе има 275 недвижнини.

“Dukley Gardens”

Во Будва во 2015. година свечено била отворена луксузната населба “Dukley Gardens”. Вкупната вредност на оваа инвестиција била повеќе од 150 милиони евра.

“Dukley Gardens” опфаќа 3 плажи, ресторан со 5 ѕвезди, кафулиња, галерија на современа уметност и бројни други сервиси за сопствениците на апартмани и гости.

“Dukley Gardens” ја заштитува приватноста на своите станари, па така пристапот во комплексот е строго ограничен и контролиран. Едно време се зборувало дека поп кралицата Мадона е заинтересирана за купување на еден апартман.

Поврзани вести

Back to top button