Избор на уредникотМакедонија

Левица: Агенциите за обезбедување имаат милионски приходи, на вработените им даваат мизерни 18 000 денари плата

Од политичката партија Левица велат дека секојдневно добиваат поплаки од работници што работат во недела и не им се исплаќа ништо што им следува по закон, особено во секторот за приватно обезбедување. Имено, според нив газдите на овие агенции за обезбедување се имаат меѓусебно договорено да не ги исплаќаат не само неделите на работниците во обезбедување, туку и другите надоместоци што им следуваат по закон.

– Ниту една агенција за обезбедување, покрај тоа што не ги исплаќаат неделите согласно законот, ниту исплаќаат ноќен труд, ниту исплаќаат работа за време на празник, а не исплаќаат ниту за работа во смени, ниту минат труд и ги оставаат околу 30 000 вработени без средства кои законски ги заработиле.

Работниците во овој сектор се оставени да преживуваат на мизерни 18 000 денари во време на рекордна инфлација! Од друга страна, овие агенции постојано бележат несразмерен раст на приходот, па само во 2019 година, дваесет агенции за обезбедување оствариле приходи од 36,6 милиони евра, велат од партијата Левица.

Од Левица велат дека која агенција ќе ги добие тендерите за обезбедување најмногу зависи од тоа која партија е на власт

– До 2017 година, кога на власт беше коалицијата ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, омилена агенција за добивање тендери беше компанијата СГС. Како што се промени власта, се променија и играчите во овој бизнис, па миленик на власта на СДС и ДУИ за делење државни тендери е сопственикот на агенцијата Никоб, Кирил Лазаров.

Обезбедувањето на имотот на ЕВН и владината служба за општи и заеднички работи се најголемите милионски тендери кои ги добива НИКОБ. Вкупниот износ на тендерски договори кои ги добила фирмата во период од 2018 до 2022 година изнесува 40 милиони евра, истакнуваат од Левица.

Од оваа партија прашуваат дали владата, предводена од корумпираните СДС и ДУИ, преку цедење државни пари го уништува јавниот сектор, за да профитираат блиски луѓе до овие две партии?

Поврзани вести

Back to top button