Да се дојде до кокаин во Европа стана лесно како купување на пица. Доволно е клиентот да ја нарача супстанцијата преку шифрирана сметка на социјалните мрежи и испораката се доставува до дадената адреса со моторизиран курир, цената е околу 70 евра за грам. Овој модерен начин веќе важи во повеќето западноевропски градови и тоа веќе одамна не е тајна. Како што не е тајна дека во Лондон секојдневно се консумираат околу 23 килограми кокаин од прва класа.
Тоа значи дека во Лондон секој ден се употребуваат 567.000 дози кокаин, вредни околу 2,75 милиони фунти. Годишната вредност на лондонскиот пазар е околу една милијарда фунти, што е околу осум тони.
Во однос на вкупната дневна потрошувачка, по Лондон, следуваат Барселона (12,74 килограми), Амстердам (4,62 килограми) и Берлин (4,62 килограми).
Од 15 градови кои беа на врвот на потрошувачката по глава на жител, дури пет се во Швајцарија, Цирих, Сент Гален, Женева, Базел и Берн.
Белгија иако имаше репутација на „здодевна земја“ во која се почитува владеењето на правото, од неодамна стана европски центар за шверц на кокаин. Пристаништето Антверпен учествува со 40 отсто од сите заплени кокаин во Европа и ова белгиско пристаниште стана влезна точка за јужноамериканскиот кокаин.
Низ Антверпен годишно поминуваат просечно 12 милиони контејнери, а само два отсто подлежат на детална царинска проверка. Затоа, можностите за шверц на дрога преку ова пристаниште се речиси неограничени.
Во текот на 2021 година низ цела Белгија биле запленети 101 тон кокаин, а Холандија е на второ место во Европската унија со 80 тони. Полицијата смета дека запленети се само околу 10 отсто од вкупната количина кокаин што влегува на европскиот пазар.
Клучна улога во нелегалната дистрибуција и продажба имаат криминалните организации од Западен Балкан, пред се од Албанија, Босна и Херцеговина и Хрватска, тврди „Економист“.
Балканските криминални организации отворија дури и нови канали за шверц. Дрогата во Европа пристигнувала од Колумбија преку медитеранските пристаништа, но балканските мафии воспоставиле нови контакти и ограноци во други јужноамерикански земји, како Еквадор, Перу и Венецуела, а сега испраќаат кокаин директно во северноевропските пристаништа. Овие криминални организации ја презедоа контролата врз целиот синџир на снабдување и на тој начин го зголемија својот профит.
Според „Скај њуз“, пазарот во последните години станува сè поконкурентен, бидејќи се повеќе криминални групи се вклучени во трговијата.
Европа во моментов е најатрактивниот пазар за криминалните банди. Дополнително, цените во Европа се многу повисоки и ризиците се многу помали отколку во Јужна и Северна Америка, а има помала конкуренција и помал ризик.
– На луѓето се повеќе им е досадно, а што прават луѓето кога им е досадно, земаат „средства за забава“, тврди еден познавач на приликите. Кокаинот поради третманот дека е „дрога за забава“ има помалку негативен третман во однос на другите опојни дроги. Казните за консумирање на овој бел прав во пракса се помали во споредба со казните при користење на други наркотици.Бројот на фатени возачи под дејство на кокаин полека го достигнува бројот на пијани возачи. Со тоа што првите се потешки за откривање, а во возењето покажуваат понасилни форми и помала предвидливост. Тие се поопасни, велат експертите.
Не е чудно што двајца претходни британски премиери, некои членови на Европскиот парламент, министри во неколку влади се осомничени и за консумирање кокаин…
Многу јавни личности веќе не кријат дека ја пробале оваа дрога. Колумните на печатот се полни со афери и скандали со откриени учесници. И таа чума зафати неколку земји.
Европската агенција за следење на дрога проценува дека 15 милиони Европејци пробале кокаин барем еднаш. Инаку, се верува дека кокаинот веќе ја преплави Европа, дека во побогатите земји на нашиот континент веќе е формирана армија од повеќе од 50 милиони – редовни корисници и редовни клиенти. Проценката се базира на примените количини, заплената и ширењето на пазарот. Се разбира, сè е во нелегални канали, но не е тешко да се погоди каква е состојбата и каде сè води.
Зошто кокаин?
Оваа супстанца е нелегална и се злоупотребува поради стимулирачките ефекти што ги има врз телото. Секој пат кога се консумира кокаин може да доведе до мозочен или срцев удар и други опасни по живот состојби. На ова влијаат многу фактори, особено количината што се внесува во организмот. Речиси веднаш по шмркањето, кокаинот предизвикува силна еуфорија, човекот чувствува сила, храброст, физички немир и потреба од постојана активност. Кокаинот ја зголемува самодовербата и прави корисникот да се чувствува поважен во очите на другите. Сето ова се случува поради зголемено лачење на допамин.
Кокаинот може да се открие во урината со тестови 48-72 часа по употребата.