Кинескиот премиер нареди истрага во индустријата за вакцини
Кинескиот премиер Ли Кечијанг нареди истрага во индустријата за вакцини во земјата откако граѓаните остро реагираа на веста дека производител на вакцини против беснило кршел прописи.
Компанијата е обвинета за фалсификување евиденции во процесите за производство и контрола, а скандалот избувна во време кога кинеските лидери се борат да ја вратат довербата на граѓаните во безбедносните процедури после смртни случаи од лажни и неисправни лекови, млеко и храна.
Кечијанг вети „одлучна пресметка“ со кршењето на процедурите кои ја загрозуваат јавната безбедност.
За сега нема извештаи дека вакцината против беснило загрозила нечие здравје, но веста за кршењето на процедурите предизвика лавина незадоволства на интернет.
Надлежните органи минатата недела на компанијата „Чаншенг Лајф Сајенсис“ и наложија да го прекине производството и да ги повлече вакцините против беснило. Иследници ја тестираат ефикасноста на вакцините и планираат поднесување кривични пријави.