Кинеска фирма се пофали со успешно тестирање на вакцина против Ковид-19 врз луѓе
Кинеската компанија „Нешенел биотек груп“ (ЦНБГ) соопшти денес дека првичните резултати од тестови на вакцина против коронавирус врз луѓето кои биле спроведени сугерираат дека може да биде безбедна и ефикасна, јави Ројтерс.
Експерименталната вакцина, развиена од ЦНБГ со седиште во Пекинг, довела до создавање на високо ниво на антитела кај сите учесници во клиничкото испитување од фазата 1/2, во кое биле вклучени 1.120 здрави луѓе. Како што се појаснува збор за втора вакцина што ја развива компанијата, која што се покажала делотворна во раната фаза на тестирање врз луѓето.
На кинеските компании и истражувачи им беше дозволено да тестираат осум потенцијални вакцини врз луѓе во земјата и во странство што ја прави Кина една од водечките држави во трката за развој на вакцина против вирусот од кој загинаа речиси 500.000 луѓе на глобално ниво.
Компанијата која е поврзана со државната национална фармацевтска група на Кина (Синофарм), соопшти претходно овој месец дека друга потенцијална вакцина, произведена од подружницата со седиште во Вухан, исто така, создала високи нивоа антитела како што покажале прелиминарните резултати од тестирањето врз учесниците во клиничкото испитување.
Вакцината треба да ја докаже нејзината ефикасност и во третата фаза, односно „Фаза 3“ во која нејзиното дејство се испитува врз илјадници учесници. ЦНБГ соопшти во вторникот дека ќе ја спроведе фазата 3 во Обединетите Арапски Емирати, без да прецизира која од потенцијалните вакцини ќе биде тестирана.