Инцидент во Скопје, им пресекле пат и го демолирале автомобилот, двајца завршија во болница
Попладнево, нешто по 18 часот во скопската населба Влае, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), дошло до физичка пресметка во која учествувале пет момчиња. Причина е сообраќајно недоразбирање, а инцидентот се случил на раскрсницата кај мостот „Влајко“. Двајца од учесниците во инцидентот на возраст од 22, односно, 28 години завршија во болница, но засега не е познато за природата на повредите.
Во инцидентот учествувале две лица кои биле со автомобил Голф кои биле нападнати од три лица со Опел Корса. Според очевидци на настанот, се се одвивало многу брзо.
– Двете лица во Голфот, поради недоразбирање во сообраќајот, биле нападнати од три лица во Опел Корса. Почнале да удираат по возилото при што го скршиле задното стакло на автомобилот, стаклото крај совозачкото седиште и еден од предните светла, информираат од МВР.