Свет

Интензивно се трага по милијардите на Ел Чапо, но засега не е пронајден ниту еден долар…

Пред мексиканскиот „крал на дрогата“ – Хоакин „“ Гузман да биде уапсен минатата година и изречен во САД во јануари, се проценуваше дека неговото богатство заработено за 30 години продажба на дрога вреди околу 14 милијарди долари.

„До ден денес американските власти не успеаа да најдат ниту еден долар од богатството на Ел Чапо. Неговите пари не се пронајдени затоа што тој не користел некаков финансиски систем, туку своите пари ги чувал исклучиво во кеш“, потврди мексиканскиот државен обвинител Раул Сервантес, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.

Тој откри дека единственото што било пронајдено се помали средства на криминалната група на „Ел Чапо“, но сепак тешко било сето тоа да се поврзе со озлогласениот мексикански криминалец.
„Ел Чапо“ како лидер на „Синалоа“ нарко картелот кој моментално е еден од најголемите на светот, го очекува судење за 17 кривични дела и се наоѓа во затвор со максимална безбедност во САД. Пред тоа, тој два пати побегна од затвор додека беше во Мексико.

Моментално се води вистинска дебата околу неговото богатство, а Алехандро Хопе, експерт за безбедност во Мексико тврди дека објавената сума на пари не е само обично нагаѓање.
„Без разлика дали парите постојат или не, Американците ги сакаат за себе, а Мексико од друга страна не сака тие пари да ги препушти на други, туку исто така сака да ги задржи за себе“, тврди тој.
Ова за магазинот „Форбс“ го потврди и американскиот експерт за случувањата во Мексико, Брус Багли кој исто така напомена дека Мексико како држава има единствено право на тие пари, доколку некогаш успеат да ги пронајдат.

Сепак, магазинот „Форбс“ процени во 2009-та година дека богатството на „Ел Чапо“ се проценува на „само“ една милијарда долари, а во 2013-та година го исфрли од својата листа затоа што на неговото богатство било невозможно да му се влезе во трага.

Како и да е, се чини дека Американците веќе знаат како тие пари паметно да ги потрошат. Имено, американскиот сенатор од Тексас, Тед Круз предложи на воведување на посебен закон, таканаречен „Ел Чапо“ закон, според кој, сите конфискувани пари на нарко босовите би биле употребени за изградба на ѕидот на мексиканската граница кој што го најави Доналд Трамп за време на неговата претседателска кампања.
Иако голема е веројатноста дека тој предлог закон нема да биде усвоен, аналитичарите се согласуваат дека пред двете држави се наоѓа уште еден во низата на спорови кои што дополнително ќе ги потресат нивните односи.

Поврзани вести

Back to top button