Хрватската Влада понуди 26.500 евра за секој иселеник што ќе се врати, само еден се пријавил
Откако хрватската Влада понуди по 200.000 куни (26.500 евра) за секој иселеник што ќе се врати во Хрватска, како дел од пакетот демографски мерки за ревитализација на земјата, РТЛ јави дека за еден месец се пријавило само едно лице.
Иван Мајсториќ од Светскиот младински сојуз и демографот Дамир Стрмота зборуваа на РТЛ за фијаското на владината мерка, нагласувајќи дека на луѓето треба да им се понуди повеќе, отколку пари за нивно враќање.
– Ова е очекувано, сите рекоа дека тоа се мерки кои реално немаат ефект за враќање. Треба да се прашаат младите зошто заминаа? Пред се во прашање е егзистенција, работа и уредена држава. Треба да се понуди многу повеќе од некоја мерка, а луѓето веќе не веруваат во ветувања, изјави Стрмота.
Иван Мајсториќ од Светскиот младински сојуз смета дека „на младите треба да им се нуди повеќе, многу повеќе“. Според него, важно е да се регулира деловната клима за инвестирање, да се подобрат работните услови на пазарот на труд, да се обезбедат подобри работни места и повисоки плати, а тука се и домувањето и усогласување на семејниот и деловниот живот. Мајсториќ смета дека децентрализацијата би помогнала младите да останат во нивните заедници, но за се е потребна политичка волја, време и финансии, како и дијалог.
На прашањето дали планира да ја напушти Хрватска, Мајсториќ одговори дека нема намера, но размислува да мигрира во земјата.
– Веројатно трајно ќе се иселам од Славонија бидејќи таа не може да понуди работа и најчесто луѓето се селат во Загреб и неговата околина, како и на крајбрежјето, изјави Мајсториќ за РТЛ.