Ѓоковиќ пред една година го депортираа како криминалец, а сега му посакуваат добредојде
Новак Ѓоковиќ денеска пристигна во Австралија, нешто помалку од една година откако беше депортиран од таа земја, откако одби да се вакцинира против коронавирусот.
– Му посакуваме добредојде во Австралија. Тој патува во Аделаида, соопшти Тениската федерација на Австралија на своите профили на социјалните мрежи и со тоа потврдија дека Ѓоковиќ пристигнал на континентот. Првиот Грен слем турнир во сезоната, Австралија Опен, ќе се одржи од 15 до 29 јануари во Мелбурн.
Србинот доби забрана за учество на Австралија Опен во 2022 година, откако беше исфрлен од земјата поради статусот на вакцинација. Тој не беше вакциниран против Ковид-19, се обиде да се врати на територијата со медицински исклучок што на крајот беше одбиено и беше исфрлен непосредно пред почетокот на турнирот, откако помина неколку дена во притвор. Нему му беше изречена и тригодишна забрана за влез во државата.
Но, оттогаш во Австралија е укината обврската за вакцинација, а Ѓоковиќ доби виза откако во ноември му беше укината забраната за патување. Тој ќе игра прв на турнирот во Аделаида, кој започнува в недела.
– Во минатото секогаш имав можност да започнам силни натпреварувачки сезони во Австралија и сакам да играм таму. По она што се случи минатата година, се надевам дека ќе добијам вистинско добредојде и дека тоа ќе ми помогне да го играм мојот најдобар тенис, изјави Ѓоковиќ.