Религија

Го извлекоа од црквата и го ставија на страшни маки – Денеска се празнува голем маченик

Денеска е Св. свештеномаченик Мирон.

Свети Мирон беше свештеник во некое место во Ахаја (Грција). Потекнуваше од виден и богат род. Се одликуваше со особено благиот карактер. Во 250 година, за време на прогоните на христијаните при владеењето на римскиот император Декиј, на денот на Христовото раѓање и додека презвитерот Мирон служеше во црквата, се втурнаа внатре римски војници, го извлекоа од црквата и тука, на самото место, го ставија на страшни маки. А потоа свети Мирон беше пренесен во градот Кизик и обезглавен.

Светиот маченик Патрокле

Граѓанин на градот Трикасин, сегашен Тру во Галија. Имаше наследено голем имот од родителите и како вистински христијанин постојано им раздаваше од тоа на сиромасите. Самиот живееше подвижнички, земајќи храна само еднаш дневно, и тоа по залезот на сонцето. Заради светоста на животот Господ му даде дар на исцеление, та насекаде беше познат како исцелител-чудотворец. Кога царот Аврелијан дојде во Галија и нареди да му го доведат Патрокле, светителот ја изјави пред царот својата вера и ништо не сокри. „Ако сакаш, цару, нешто од моите блага ќе ти дадам, зашто те гледам сиромав“, му рече Свети Патрокле на царот. А овој нему: „Како ме нарекуваш сиромав мене, којшто имам неброени богатства?“ Свети Патрокле одговори: „Имаш само земни, минливи богатства, но сиромав си, зашто самиот себеси се немаш, ниту вера во Христа во срцето.“ Го осудија на смрт и го предадоа на војниците да го одведат кај некоја кал близу реката и да го заколат, а телото да му го остават во калта. Но светителот Го молеше Бога да не му остане телото во онаа кал и со Божјата сила тој одеднаш стана невидлив за војниците и пренесен на другата страна од реката. По долго трагање војниците го најдоа и го заклаа на едно суво место. Двајца питачи на коишто Патрокле често им даваше милостиња наидоа по патот, го препознаа телото на својот добротвор и чесно го погребаа.

Преподобен Илија Калабриски

По потекло Грк и настојател на манастирот Меликук во Калабрија, во Јужна Италија. Во времето на иконоборството на Исток многумина источни монаси пребегаа со иконите во Калабрија. Со време во Калабрија многу се распростре монашкиот живот. Калабриските монаси се одликуваа со голема ученост и со голема строгост на животот. Едно време во Калабрија имаше толку многу православни монаси и манастири, што ја споредуваа со древниот Мисир. Православна Калабрија подоцна низ вековите потпадна под охридските архиепископи. Преподобен Илија се упокои во Солун, во 903 година.

Преподобен Алимпиј, иконописец печерски

Изобразувајќи ги светителските ликови на дрво, тој во својата душа ги изобразуваше и нивните добродетели. Исцели еден човек од лепра и виде ангел Божји. Се упокои мирно во староста, 1114 година.

 

 

Поврзани вести

Back to top button