Главната медицинска сестра и две други си дадоа отказ од Инфективна клиника
Главната сестра на скопската Инфективна клиника си поднела отказ од работното место за што протече документ со барање за отказ на социјалните мрежи. Во самиот документ, таа на 21 септември, годинава поднела барање до управата да се прифати нејзиното отказно решение со образложение дека е деградирана како медицинска сестра, пишува Фокус.мк.
„Барам да ми го прифатите отказот од работа, со претходна најава од месец дена, во кој период ќе го користам годишниот одмор од 2019 и 2020 година. Причините да ја напуштам клиниката по 28 години професионална работа се многубројни, но би навела само една: Непочитување и деградирање на профилот медицинска сестра, како една од најважната алка во медицинскиот тим – се наведува во документот испратен до управата на клиниката.
Таа не е единствената која си заминува од клиниката, бидејќи отказ поднеле уште две медицински сестри. Другите две сестри своите барања ги доставиле вчера, поточно на 28 септември, со речиси истото образложение.