ФОТО: Ова се хероите кои ги положија животите за Македонија
Пред точно една година, на кобниот 9-ти мај во кумановската населба „Диво насеље“ згасна животот животот на осум македонски херои, кои бранејќи ја својата татковина ги положија своите животи при полициска акција за разбивање на вооружена терористичка група.
Полициската акција се одвиваше во кумановската населба „Диво насеље“, дел од градската месна заедница „Тоде Мендол“, во близина на автопатот Е 75. Акцијата започна рано утрината во 04:30 часот во саботата на 9-ти мај и траеше речиси непрекинато 28 часа, сè до 10-ти часот во неделата на 10 мај.
Акцијата заврши откако македонските специјални сили целосно ја неутрализираа и елиминираа терористичката група, од која дел и се предадоа на македонските власти во текот на вечерта во саботата на 9-ти мај.
Од страна на македонските безбедносни сили загинаа осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а беа повредени дури 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово.
Убиени беа следниве припадници на специјалните единици на македонската полиција кои останаа запамтени како херои кои животот го положија бранејќи ја татковината.
- Жарко Кузмановски (р. 1981), од с. Брвеница, Тетово
- Ненад Серафимовски (р. 1987), од с. Зубовце, Гостивар
- Сашо Самојловски (р. 1982), од с. Брвеница, Тетово
- Бобан Ивановиќ (р. 1968), од с. Стајковци, Скопје
- Горан Илијевски (р. 1974), од Гостивар
- Исамедин Османи (р. 1983), од с. Студеничани, Скопје
- Љубиша Аранѓеловиќ (р. 1966), од Скопје
- Горан Стојменовиќ (р. 1970), од Миладиновци, Скопје