Фимот Ќеиф, вистината за Македонската чалгиска традиција
Како се развивала македонската чалгија, западните влијанија и резултатот од таа синтеза, може да се види во музичкиот документарец „Ќеиф (Македонска чалгиска традиција)“ кој премиерно беше прикажан во кино „Фросина“ во рамки на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во МКЦ.
Сценаристот Ристо Солунчев и режисерот Блаже Дулев за МИА велат дека почнале да истражуваат за македонската чалгија и да собираат материјал за филмот пред 15 години. Снимале и во Истанбул каде што чалгијата е сè уште жива и каде во чаршијата и денес мајстори изработуваат чалгиски инструменти. Интервјуирале 50-ина соговорници – наши и странски музичари, музиколози, историчари, ориенталисти.
Солунчев и Дулев се задоволни од тоа што проектот што го почнале пред 15 години конечно резултирал со филм во кој во 90-ина минути успеале да спакуваат материјал од неколку часа, кој содржи и интервјуа со светски уметници, како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин….
„Како да најдовме мозаик кој едвај се наѕираше, а ние го исчистивме од земја. Би рекол: „Ќеиф“ е археологија на чалгијата“, вели Солунчев.
А зошто филмот го насловија „Ќеиф“? Затоа што чалгијата, велат, е духовно задоволство – во начинот на свирење, на слушање и на живеење.
Заклучиле дека нашата чалгија е автентично музицирање. Велат не е турски инфилтрат како што на овие простори е прифатено турското кафе или баклавата, што било теза на покојниот Боривоје Џимревски – единствен истражувач на чалгијата во земјава, кој напишал книга и кого тие го интервуирале додека бил жив.
Солунчев објаснува дека класичната музика што се создавала најпрво на дворот на Византија, а потоа и на дворот на султаните во Отоманската империја, влијаела на создавањето на нашите чалгиски состави, кои ги зеле тие класични инструменти и со нив свиреле традиционална музика.
„Дојдовме до сознание дека не само што не била насилно наметната и не е инфилтрат, туку чалгијата е, всушност, поврзана со универзалниот музички јазик кој се создавал и се синтетизирал од повеќе народи во Цариград. Таквата синтеза на еден таков култен музички јазик го направила Византија и потоа Турците се надоврзале на тој јазик и го доусовршиле. Така што, отоманската класична музика претставува последниот музички израз на таа класичност во музиката. Паралелно со западната класика, на Истокот се развивала источна класика. Нашата чалгија е некаков тип на синтеза од врската со класичните музики на Исток и домицилниот фолклор. Турски музичари што имале можност да ја свират нашата чалгија велат дека таа има неверојатна ритмика што не може да се најде во турската народна музика. Тоа е уште еден доказ за нејзината автентичност“, вели сценаристот Солунчев.
Музиколозите со кои разговарале посочиле дека чалгијата како класична ориентална музика е различна од етничката, народна музика. Аналогна е на западната класична музика која, исто така, не е национална.
„Царствата се менувале, но музиката останувала иста, таа не се укинува. Големите империи како Византиската и Отоманската не се врзуваат со етничкото, туку со универзалното цивилизациско вредно. Подоцна почнува присвојувањето – Турците целосно да ја присвојуваат Отоманската империја, а Грците – Византиската“, додава Солунчев.
Одлика на македонската чалгија е космополитскиот дух. Чалгиите во Македонија, вели тој, секогаш биле етнички мешан состав – Македонци, Роми, Турци заедно свиреле на сите веселби и разни случувања, не само на македонски, туку и на ромски, албански, турски, еврејски, влашки, грчки… Притоа инструментариумот бил ист, но не ги мешале стиловите, па репертоарот го приспособувале според тоа каде свиреле.
Познати чалгаџии имал Велес. Велешанецот Ордан меѓу двете светски војни учел канун во Дамаск, зашто таму била посилна традицијата на свирење на овој инструмент отколку во Турција. Познати велешки чалгаџии биле Јован Тончев и син му, Ало Тончев.
Чалгаџијата Јован Тончев свирел на роденденот на султанот Абдул Хамид Втори во Истанбул и таму, вели режисерот Дулев, наместо три-четири дена со свирачите останал еден месец.
Свиреле толку добро што султанот рекол: „Дојдоа овие ѓаури од џенемија и нè научија како да свириме“. Бидејќи чалгијата, како и џезот, бара големо мајсторство – добро познавање на макамите т.е. скалата на музицирање, објаснува Дулев. Меѓу Турците во Истанбул, вели, постоел дури и „ќупурли стил“ на свирење, според Ќупурли – турското име на Велес.
Според него, велешката чалгија е најблиску поврзана со цариградската музика и велешките чалгаџии најдобро ја познавале отоманската класична музика. Свиреле нејзини форми, како што се семаи и пешрефи, што кај нас се преточило во маршеви – инструментални изведби што се свиреле кога се одело по невеста.
Последната велешка чалгија изумира пред 40-ина години заедно со чалгаџијата Ало Тончев. Последните чалгаџии во Скопје, пак, се Раим Баки и Уштреф Саид кои биле од познати чалгиски фамилии. Биле дел од некогашниот и укинат Чалгиски оркестар на Радио-телевизија Скопје.
Чалгијата денес ја негуваат некои музички групи, како што е „Чалгии мерак“ составена од млади музичари кои, според нашите соговорници, најверно го свират стилот на македонската чалгија и имаат комплетен инструментариум.
Извор: MИА