Избор на уредникотМакедонијаТоп

Емотивно сведочење на мајката на Александар: Го донесовме син ми дома мртов, но очите му беа отворени и од нив два дена додека да го погребеме течеа солзи, плашете се од тие солзи

Емотивни беа прашањата и од мајките на убиените момчиња, кои го потсетија премиерот дека им зборувал за вистината за смртта на нивните деца на средбата со него. Но Заев појасни дека зборувал како човек, како родител и со емоции, а сепак оставил на судот да одлучи според она што тој го предал како доказ во тогашното СЈО.

„Го донесовме син ми дома мртов, но очите му беа отворени и од нив два дена додека да го погребеме течеа солзи. Плашете се од тие солзи“, им порача од судница Зорица Наќевска, мајката на убиениот Александар Наќевски во април, 2018 година на сите што се вмешани во случајот со смртта на нејзиниот син.

Таа од судот и од обвинителите во судница побара да се утврди каква е улогата на обвинетите на кои во моментот им се суди за петкратното убиство, дали тие се навистина поврзани со настанот како директни извршители и како помагачи. Повикувајќи се на изјавите на премиерот Зоран Заев дека ќе им бидат дадени прислушуваните разговори, како и на содржината на тие разговори, мајката на убиениот Александар побара да се утврди и улогата на петте функционери на ДУИ и на доказите за кои им било кажано дека се со назнака државна тајна.

„Да се откријат двете НН лица посочени од заштитениот сведок што не се опфатени со истрагата. Фејзи и НН лице разговараат ‘вечерва сонував лош сон, сонував како му ги врзуваат рацете на момчето и плачев па си велев да не не се израдувам, да не не го завршам тој никаквец’. Гласот на НН лицето му е познат и бараме да се утврди кој е тој“, рече мајката на убиениот Александар, цитирајќи транскрипт од прислушуван разговор.

Таа го побара и телефонскиот апарат на нејзиниот убиен син, кој е одземен како доказ, а кој, како што кажа, за нив како родители е многу вреден.

„Нашите деца беа починати со отворени очи. Ги убија во четврток, а нивните тела ги донесовме дома наредниот ден. Беа починати со отворени очи и од очите им течеа солзи. Нека се плашат од тие солзи сите што си поигруваат со нашите чувства и со чувствата на мојот син“, рече мајката на убиениот Александар.

Масакрот кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

Сега во притвор се Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ.

ПОВЕЌЕ НА МКД.МК

Поврзани вести

Back to top button