Драматична состојба во Иран: Во светиот муслимански град од коронавирусот починале 50 луѓе?
50 лица починаа од коронавирусот во иранскиот свет град на шиитските муслимани – Ком, пренесува новинската агенција „АП“.
Бројката од 50 починати од Корона вирусот се однесува на периодот од 13-ти февруари до денес, а градските власти на Ком соопштија дека повеќе од 250 луѓе се во карантин.
Оваа бројка е значително повисока за разлика од последните информации кои се појавија во медиумите пред неколку часа, кога беше известено дека во Иран како последица на смртоносниот вирус починале 12 лица.
Бројот на починати камо последица на коронавирусот во Иран во споредба со бројот на заразени е поголем од било која земја, вклучувајќи ги Кина и Јужна Кореја. Сепак, портпаролот на иранската влада Али Рабиеи демантира дека во Ком починале 50 луѓе.
„Никој нема пристап до најновите информации и лажните вести може да бидат резултат на погрешна дијагноза. Имено, понекогаш симптомите на Корона вирусот се исти како и кај грипот“, изјави портпаролот и додаде дека најновите информации ќе бидат објавени за неколку часа.
Со оглед на сериозноста на ситуацијата во Иран во врска со ширењето на смртоносниот вирус, повеќе соседни земји воведоа низа на заштитни мерки. Турција ја затвори границата со Иран и ги прекина летовите, а железничкиот и патниот сообраќај беше прекинат вчера. Исто така и владата од Кабул воведе забрана за патување од Авганистан во Иран и обратно.
Пакистанските власти вчера известија дека ја затвораат границата со Иран поради коронавирусот, а Кувајт им забрани пристап на бродовите кои доаѓаат од Иран.