Дојдете, го убив син ми: Бизнисмен и поранешен менаџер на познатите рапери „Бабастарс“ е убиен во Приштина
Попладнево косовската јавност остана во шок откако полицијата го уапси Скендер Красниќи, поранешен војник на Ослободителната војска на Косово и татко на познатиот менаџер на повеќе музичари меѓу кои и рап ѕвездите „Бабастарс“, Алберт Красниќи. Како што пренесуваат локалните медиуми убиството се случило во подрумот на нивната семејна куќа во населбата Матичан.
„Околу 17:00 часот полицијата доби информација за убиство што се случило на улицата „Ндуе Перлеши“ во Приштина. Веднаш по добивањето на информацијата, полицијата излезе на местото на настанот и ги презема сите потребни активности што се состојат од истражување на околностите што го карактеризираат настанот. Едно лице е уапсено и одземено е оружје за кое постои сомневање дека е оружјето користено во случајот“, велат од полицијата.
Како што пренесоа повеќе медиуми, таткото на убиениот, сам ја повикал полицијата велејќи: „Ајде дојдете, го убив мојот син.“
Алберт Красниќи и беше познат на јавноста и по бракот со Беса Гаши, носителка на титулата мис Косово 2006.
Мотивите на настанот што го шокираше Косово сè уште не се познати. Но, се шпекулира дека пред трагичниот момент, Алберт започнал да му се спротивставува на својот татко кој го убедувал да се предаде на полицијата.
Тој беше баран од косовската полиција за физичко насилство. Ова кривично дело го извршил врз неговата поранешна сопруга, Беса Гаши, со која пред два дена објавија дека се разведуваат.
Ова не беше прв пат Алберт да има проблем со законот. Тој беше учесник во престрелката со албанскиот рапер Нојзи во центарот на Приштина во 2016 година.
Тогаш, иако Нојзи беше ранет во инцидентот, доби казна од две илјади евра.