Религија

Денеска се празнува Св. маченик Калиник

Денеска е Св. маченик Калиник.

Свети Калиник пострада маченички околу 250 година. Беше родум од Киликија и се беше оставил заради проповедта на Евангелието. Поради тоа и беше затворен во Анкира од некој кнез Сакердон. Овој го принудуваше да им се поклони на идолите заканувајќи се со тешки измачувања, а кога светиот ги презре сите негови зборови овој го стави на маки. Трпеливото поднесување на маките од страна на св. Калиник направи многумина да поверуваат во Христа. Кнезот потоа го стави во железни чевли со шајки во нив и го препрати во Гангрија за таму да го погубат се плашеше од неговото сведоштво пред народот. А во Гангрија свети Калиник беше фрлен во вжештена печка, во која и погина. А откако огнот згасна, го најдоа неговото тело цело.

Светата маченичка Серафима

Девојка од Антиохија. Живееше во домот на една сенаторка Савина, којашто и ја приведе кон верата во Христа. Кога еден мачител на христијаните по име Вирил слушна за неа, нареди да му ја донесат. Пред него Серафима остана непоколеблива во верата, па тој нареди и ја фрлија во затвор, а потоа ѝ испрати некои момчиња за да преноќат со неа и да ја осквернат. Кога момчињата дојдоа пред затворската врата, Серафима Му се молеше во затворот на Бога. Пред вратата одеднаш застана пред нив ангел Господов со меч во рацете и тие паднаа како мртви, сосем несвесни и раслабени. Утредента мачителот ја замоли Серафима и таа со молитва ги врати во свест. Бидејќи сево ова го припиша на магии, Вирил нареди и оваа Света девица најнапред ја гореа со свеќи, а потоа ја тепаа со стапови. Но додека ја биеја нејзе, едно парче од стап отскокна и го удри Вирил по очите, од што тој ослепе. Најпосле на Христовата слугинка ѝ ја отсекоа главата со меч и таа го предаде духот на Бога. Благочестивата Савина чесно го погреба нејзиното тело, од коешто потече исцеление за многумина. Света Серафима пострада во времето на царот Адријан (117 г. – 138 г.).

Светата маченичка Теодотија

Млада вдовица со три деца. Заедно со Анастасија во Солун Теодотија се трудеше во Божјото дело, а беше наполно предадена на благочестив живот. Во времето на гонењето на Диоклецијан ја осудија на смрт и заедно со нејзините деца ја фрлија во огнена печка. Нивните свети души се вивнаа во небесната татковина.

Светиот маченик Евстатиј Мцхетски

Персијанец, родум од селото Арбукет. Во својата триесетта година дојде во градот Мцхет и кога виде како веруваат и живеат христијаните прими Крштение. Мачен за Христа и убиен со меч во Тифлис, во 589 година. Неговите мошти почиваат во соборната црква во Мцхет и им даваат исцеление на верните.

Поврзани вести

Back to top button