Избор на уредникотРелигијаТоп

Денеска почнува божиќниот пост

Денеска 28 ноември започнува големиот Божиќен пост. За разлика од Велигденскиот пост, чиј почеток варира, овој пост секогаш започнува на овој датум и трае 40 дена, а завршува со Божиќ (6 јануари).

За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почнува шестнеделниот божиќен пост.

Постот ќе трае 40 дена, односно до Божиќ, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божиќ не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.

Православните христијани слободно одлучуваат за овој подвиг чија цел е чистење на душата и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот. Во однос на „строгоста” за употреба на храна, божиќниот пост е „поблаг”, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Во Православната црква практика е во текот на божиќниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божиќ. Целта на постот е да се „исчистат” духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божиќниот пост, посни се и сите славски трпези.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости.

Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември.

Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божиќните пости.

Лицата кои доследно ги почитуваат правилата постат секоја среда и петок, бидејќи тоа се деновите кога Христос е осуден и кога умрел на крстот.

Божиќниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век.

Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот – Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Собор во 1166 година.

Траењето на божиќниот пост се објаснува и со четириесетдневното патување на тројцата мудреци до Витлеемската пештера, во која на 25 декември е роден Богомладенецот Исус. Затоа се вели дека постот е ѕвезда водилка за сите кои христијанството го одбрале за своја вера, како што за мудреците кои верувале во пророштвото за раѓањето на Спасителот единствена водилка била најсветлата ѕвезда на небото, која се движела од западот кон истокот и која ги довела во Витлеем.

Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли и во чест на раѓањето на Господа Исуса Христа. Тие се постат вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела масло, вино и риба. Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло, вино и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник во среда и петок се допушта, покрај масло, и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло, вино и риба, пишува бигорски.орг.мк

Во текот на целиот овој пост не се јаде месо, млеко и млечни производи и јајца. Масло и вино се дозволени во сите денови освен среда и петок, кои се пости „на вода“. Риба се јаде секоја сабота и недела, како и на Воведение на Пресвета Богородица.

Последната недела од божиќниот пост се пости построго. На Бадниковиот ден не се употребуваат ниту масло ниту вино, туку се пости „на вода“.

Поврзани вести

Back to top button