Избор на уредникотРелигија

Денеска е Св. мироносица Марија Магдалина – жената на која Исус прво и се јави по воскресението

Света Марија Магдалина

Бидејќи според заслугите во одбраната на христијанството е рамна на апостолите Марија Магдалена е наречена рамноапостолна. Таа е родена во Сирија во близината на градот Магдала, поради што е наречена Магдалина. Во младоста била грешница, од што на прав пат ја извел Исус, а таа оттогаш станала негова верна ученичка.

Во Светото евангелие според Марко се вели дека Исус од неа истерал седум бесови и целосно ја изцелил од болеста од која страдала: „А Исус кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најпрвин на Марија Магдалина, од која беше истерал седум демони“. (Марко 16:9)
Присуствувала на поважните моменти од неговиот живот особено последните денови, присуствувала на распнувањето на Голгота и страдала заедно со мајка му Богородица. Видела и кога го положиле во гробот. По воскреснувањето Исус најпрвин ѝ се јавил нејзе. По Воскресението со Пресвета Богородица и со апостолите живеела во постојана молитва и била сведок на првите успеси на христијанското учење во Еруалим.

Потоа пристигнала во Рим и на царот Тибериј подавајќи му црвено јајце му ја соопштила веста за Христовата судбина и за воскреснувањето. Му се обратила со зборовите: „Христос воскресе“, и со тоа му соопштила за распнувањето и воскреснувањето на Исус. Во исто време го обвинила Понтије Пилат дека иако можел не го заштитил праведниот Исус. Тоа било причина царот да го повлече Пилат и да го испрати по казна на служба во Алипите каде што во царска немилост го завршил животот. По овој пример останал обичај христијаните да си подаруваат црвени јајца и да си го честитаат празникот Велигден со зборовите „Христос воскресе“.

Подоцна Марија Магдалина дошла во Ефес каде што му помагала на Јован Богослов во проповедањето на Христовата вера. Тука и умрела, и била погребана, а подоцна во 5 век нејзините мошти од Ефес биле пренесени во Цариград. Светата Христова црква споменот на нејзиното име го празнува на 4 август според новиот, односно на 22 јули според стариот календар.

Светиот свештеномаченик Фока

На овој ден е споменот на преносот на неговите мошти од Понт во Цариград, околу 404 година. Главното празнување на овој светител е на 22 септември и под тој ден е опишан неговиот живот и страдањата. На денешен ден се спомнува и едно чудо извршено од него. Еден човек Понтин го фатија Арапите. Го оковаа, му ги врзаа рацете одзади и така го оставија да умре. Лежејќи мешечки на земја и не можејќи да се помрдне, Понтин повика: „Свет маченику Фока, смилувај се и спаси ме!“ Го рече тоа и заспа, а во сонот виде како светителот Фока му се приближи, го фати за рака и му рече: „Ти простува Господ Исус Христос!“ Кога се разбуди, човекот се најде слободен и разрешен од сите врски. Стана значи и отиде во својот дом и го зеде споменот на Св. Фока за домашна слава.

Преподобен Корнилиј Перејаславски

На петнаесет години се замонаши кај Старецот Павел. Подоцна се повлече во пустина на молчание. Триесет години молчеше и не проговори со никого ни збор, така што мнозина го сметаа за нем. Толку се исуши со пост, што личеше на костур. Пред смртта прими схима и се упокои на 22 јули 1693 година.

Светата маченичка Маркела

На островот Хиос оваа светителка ужива огромна почит. Во нејзината црква постојано се случуваат чуда. Но нејзиното житие е непознато. Според Преданието Маркела била необично побожна девојка, која рано останала без мајка. Нејзиниот незнабожен и ѕвероподобен татко сакал да живее со ќерката како со жена. Маркела побегнала од татко ѝ . Но овој, разјарен како вистински ѕвер, ја стигнал и ја исекол на парчиња. Во близина на нејзиниот храм се наоѓаат некои камења коишто овде-онде биваат како со крв попрскани. Тие камења народот ги зема, ги носи в црква, ѝ се моли на Света Маркела, па ги полага врз болни, и од тоа оздравуваат.

 

Поврзани вести

Back to top button