Македонија

„Дечки од СДСМ, за што се боревме – За пратенички патни трошоци од по илјада евра, за едни исти луѓе да запоседнат во по неколку управни одбори со паушали од по 300 евра“

Во текстот под наслов „За што се боревме“, професорката Гордана Попсимонова се обраќа до вчерашните соборци кои денеска седнаа во удобните фотељи и заборавија за што се бореа. Тестот објавен во „Независен весник“ го пренесуваме интегрално.

Многу сум лута на себе. Се чувствувам изневерена, изиграна, измамена и безнадежно наивна. Како мало дете, кое спротивно на сопствениот темперамент, се труди да биде мирно, да не прави бељи, да учи, да биде послушно, да дава сѐ од себе и… на крај да не го добие ветеното или очекуваното. Или како возрасен човек кој го напушта комодитетот на сопствениот дом и професијата која ја сака, да се фати во костец со еден авторитарен режим и, својата личност, чест, гордост и достоинство да ги стави на подбив на разни курирци и ним слични, да го заокружуваат неговиот лик на фотографиите од протестите, да му чепкаат во интимата, да му се закануваат со пораки, да биде во постојан конфликт со средината, да му се налутат роднините, да изгуби другари, да си го напушти раатот, а на крајот да не го добие она што го барал – чесна власт, која ќе испорача слобода, правда и демократија.

Дечки од СДСМ, за што се боревме? За пратенички патни трошоци од по илјада евра месечно? За едни исти луѓе да запоседнат во по неколку управни и надзорни одбори со паушали од по 200/300 евра? За директорски места по јавни претпријатија наменети за партиски кадри, чија единствена гаранција за компетентност и стручност е партиската книшка?

За партиски членови на разни комисии кои си делат дневници и вишоци како ќе им текне? Или, пак, за оние патувања по Јужна Америка со прва класа за да се види како изгледа авантуристички туризам? Или за рекетирањето фирми од разни агенции за обезбедување кои се претставуваат како вам блиски?

А тоа се случува, тоа го гледам и го слушам и тоа ме прави гневна. И токму затоа, дечки од СДСМ, имам да ви соопштам неколку битни работи. Нека ве боли колку сака.

Прво! Дечки од СДСМ, вие не го симнавте Груевски со ваши програми, идеи и проекти. Да бидеме искрени, ги немавте. Го урнавте со „бомбите“ на Заев. А зад нив, зад снимените разговори, стојат неколку доблесни и храбри мажи кои си ги ризикуваа здравјето и животот за да го изнесат на виделина монструозното лице на претходната власт. Им рековте ли барем „благодарам“? Знаете ли кои се и помисливте ли како да им возвратите?

Второ! Дечки од СДСМ, вие како партија не го урнавте Груевски. Не ве биваше. Партијата ви беше партал, што од внатрешни фракциски борби (фала на прашање – сега се повидливи и помногубројни од кога било), што од мрза да изработите ефективна и ефикасна стратегија за мобилизирање на граѓаните, што од систематското деструктивно дејство на ВМРО-ДПМНЕ. Јавна тајна е дека огромен дел од вашите сегашни јастреби, имаа добра (да не кажам – плодна) соработка со партијата која сега е во опозиција и по која едногласно плукаат.

Трето! Дечки од СДСМ, барем половина од гласовите, со кои на 11 декември 2016 година освоивте 49 пратеници, не се од ваши членови. Како што барем половина од оние што протестираа изминатите три години не се ваши членови. Како што барем половина од присутните на најголемиот антивладин митинг во мај 2015 година не беа ваши членови. Како што 90 отсто од студентските, професорските, средношколските или новинарските пленуми кои го покренаа граѓанскиот отпор не беа ваши членови. Вие само како муви ѕунѕари се прилепивте на веќе артикулираниот граѓански активизам, давајќи му партиска боја.

Четврто! Дечки од СДСМ, тоа што во власта инкорпориравте дел од НВО-секторот или од „Шарената револуција“ не ви е никакво алиби за лошиот старт. Стартот ви е ужасно лош. Сѐ скандал до скандал, и тоа за ситнокорупциски глупости. А за долгоочекуваните и на сите можни фанфари најавувани длабоки реформи во правосудството, безбедносниот сектор, администрацијата или медиумите кои се сведоа на плитки бразди, нема да арчам зборови. Доволни се реакциите од угледни експерти кои членуваат во нив.

Дечки од СДСМ! Јас и илјадници како мене, по следот на околностите и под принуда на ситуацијата, се најдовме на иста страна. Си ја врзавме судбината со вашата партија и бевме таму каде што требаше да се биде, за да се стори тоа што требаше да се направи. Кога беше најтешко. Токму затоа, бараме само едно од вас – да не бидете како нив.

За тоа се боревме.

Поврзани вести

Back to top button