Дали шеикот ја сокрил сликата на Исус вредна 450 милиони долари?
Познатиот париски музеј Лувр се подготвува за големата изложба на Леонардо Да Винчи за која се очекува дека ќе биде голем хит и ќе привлече стотици илјади посетители од целиот свет.
Додека се приближува датумот на отворање, односно преостануваат уште две седмици, сѐ уште не е познат одговорот на едно прашање: Дали ќе биде изложена најскапата слика на светот „Салватор Мунди“? Портретот на Исус на Леонардо Да Винчи на аукцијата во 2017-та година достигна цена од 450 милиони долари.
На прашањето на британски „Обсервер“, портпаролката на Лувр само открила дека од францускиот музеј ја побарале сликата „Салватор Мунди“ за потребата на изложбата.
„Сѐ уште не сме добиле договор и немам друг коментар“, одговорила таа.
Инаку, станува збор за една од најславните и најконтроверзни слики. Дури во 20-тиот век му била припишана на Леонардо Да Винчи, а долго пред тоа се сметала дека е дело на Џовани Болтрафио, сликар на раната ренесанса и ученик на Да Винчи.
Со потписот на Болтрафио во 1958-ма година била продадена на аукција во Лондон за само 45 фунти, а њујоршкиот историчар и трговец со уметнички дела Роберт Б. Сајмон во 2005-та година ја купил за 1175 долари. Тој во 2011-та година утврдил дека сликата е дело на Леонардо Да Винчи.
Рускиот олигарх Димитриј Риболовјев ја купил во 2013-та година за 127,5 милиони долари, а наводно неговиот советник, швајцарскиот бизнисмен Ивес Бувие ја купил сликата еден ден претходно за 83 милиони долари.
Сепак, Риболовјев не ја задржал за себе сликата на Леонардо Да Винчи. Се шпекулира дека сега сликата е во сопственост на кралското семејство од Абу Даби. Исто така, се појавија информации дека сликата на Исус сега ја краси луксузната јахта на саудискиот престолонаследник, контроверзниот принц Мохамед Бин Салман.
За сликата и нејзините патешествија, овие денови објави книга њујоршкиот историчар Сајмон кој откри дека сликата е дело на Да Винчи. Тој вели дека не знае сега каде е сликата, а последното нешто што го слушнал е дека сликата се наоѓа во сеф за уметнички дела во Швајцарија. А, дали ќе се појави во Лувр, останува да почекаме и да видиме.