ЖивотИзбор на уредникот

Читањето книги спречува депресија – 11 причини зошто треба повеќе да читате книги

Денес многу од младите, за жал, сметаат дека читањето книга е хоби само на интровертните, слабите и асоцијалните луѓе. Меѓутоа, тие се во голема заблуда затоа што со нечитањето се лишуваат себеси не само од задоволството кое секоја книга може да го пружи, туку и од разните позитивни ефекти произлезени од читањето.

Науката со силни факти го поткрепува тврдењето дека читањето книга носи многу бенефити, пред сè кога се во прашање интелектуалните и емоционалните капацитети на мозокот.

1. Кој редовно чита книги, секој ден учи нешто ново
Можете да изгубите многу работи во животот, но знаењето никој не може да ви го одземе. Читањето книги не само што ви помага да ја одржите веќе постоечката ризница на знаење, туку и ја проширува.

Читањето постојано го снабдува нашиот мозокот со нови информации, а никогаш не се знае кога тие ќе ни затребаат во животот. Што повеќе знаење имаме, толку сме поспремни да одговориме на различните предизвици кои ни ги носи животот.

2. Со читањето го прошируваме речникот
Колку повеќе книги читате, толку повеќе нови зборови ќе најдат во вашиот секојдневен речник. Поширокиот вокабулар и способноста за убавиот говор ја зголемува вашата самодоверба.

Покрај тоа, добро дефинираниот говор и правилното изговарање на зборовите можат да ви бидат од голема помош во секоја професија. Начитаните луѓе се добри говорници кои можат да зборуваат на разни теми, високо се ценети во деловниот свет и брзо напредуваат во кариерата.

3. Читањето ве прави подобра личност
Во едно истражување од 2013 година, е споредена работата на мозокот кај две групи на луѓе. Едните пред експериментот читале некоја книга, додека луѓето од другата група не читале.

Со скенирањето на мозокот, експертите утврдиле дека читањето на книга пробудило чувство на грижа и емпатија кон другите, што не било случај и кај испитаниците кои не читале.

4. Читањето е заразно
Родителите кои сакаат да ги натераат своите деца да го засакаат читањето, можат тоа да го направат така што ќе читаат дома секојдневно на глас. Научно е докажано дека децата на училишна возраст чии родители гласно читале книги, имаат поголеми шанси да развијат склоност кон читањето.

Тоа значи, драги родители, дека доколку сакате вашите најмили да го засакаат читањето книга, треба да им читате приказни за добра ноќ на своите најмили, бидејќи тоа е најдобриот начин.

5. За поостар ум
Не само што со читањето стануваме попаметни, туку и нашиот ум станува побистар. Една американска невролошка студија докажала дека читањето книга е важна работа во животот на секој човек, почнувајќи од неговото детство па сè до позрелите години.

Луѓето кои во текот на целиот живот редовно читаат, имаат развиени ментални способности и имаат подобро памтење во сите животни периоди.

6. Читањето ја подобрува меморијата
Додека читаме книга, запознаваме многу нови ликови, нивниот карактер, амбициите, всушност, целиот нивен свет. Сите тие информации мозокот ги собира и чува.

Секое ново сознание кое мозокот го складира во својата меморија поттикнува развој на нови и ги зајакнува веќе постоечките мозочни синапси, што особено влијае врз зајакнувањето на нашата меморија, особено краткорочното памтење.
Читањето ја зајакнува концентрацијата
Во модерниот свет, во текот на еден петминутен период, една просечна личност го распределува своето внимание на работните задачи, читањето на пристигнатата електронска пошта, на разговорите со пријателите и деловните соработници преку чет или скајп, на проверувањето на својот мобилен телефон… Сето ова влијае значајно да се намали нашата продуктивност.

Додека читаме некоја интересна книга, фокусирани сме исклучиво на приказната, додека сè околу нас како да не постои. Доволно е да читате барем 15-20 минути пред да започнете со своите работни активности и веќе од првиот ден ќе бидете потполно изненадени колку е подобрена вашата концентрација.

8. Читањето како превенција од Алцхајмерова болест
Едно неодамнешно исцрпно истражување на тим од американски научници недвосмислено покажало дека старите луѓе кои го окупираат мозокот со активности како што е шахот, решавањето загатки или читањето книга имаат два и пол пати помалку шанси да заболат од Алцхајмер во однос на луѓето кои го трошат своето време на помалку стимулативни активности.

Иако тоа не значи дека со читањето сигурно ќе ја спречите појавата на болеста, сепак утврдено е дека постои силна врска измеѓу читањето книга и превенцијата од оваа опасна болест.

9. Книгата ги ублажува симптомите на депресија
Дури 76% од учесниците во едно истражување во Велика Британија, изјавиле дека читањето го подобрува квалитетот на нивниот живот и им помага да се чувствуваат подобро. Оние кои редовно читаат се позадоволни од својот живот, посреќни се и имаат повеќе самодоверба.

Читањето може да ни го олесни прифаќањето на реалноста. Нè поттикнува да го истражуваме непознатото и да развиваме идеи кои можат да доведат до позитивни промени во нашиот живот.

10. Читањето олабавува и го намалува стресот
Добриот роман или интересната стручна книга се совршен начин за олабавување и ослободување од стресот. Без разлика колку проблеми имате на работа, во личните односи или во било кое друго поле од секојдневниот живот, ќе заборавите на сè кога ќе се вдлабочите во читањето на некоја добра книжевна приказна.

Според една научна студија од 2009-та година, скоро 6 минути читање на интересен расказ го смалува стресот за неверојатни 68%

11. Читањето го развива аналитичкото размислување
Дали некогаш сте прочитале некој трилер роман и сте успеале сами да ја решите мистеријата уште пред завршетокот на книгата? Тоа е можно единствено ако сте ги земале во обѕир сите факти и околности и од книгата сте направиле детална анализа.

Ако е така, тогаш сте успеале со читањето да ја зголемите аналитичката вештина, која сигурно ќе ви биде од корист во подоцнежниот развој на кариерата. Без разлика дали сте адвокат, трговец, лекар… секоја работа се извршува подобро со добра анализа.

Извор:CRNOBELO.MK

Поврзани вести

Back to top button