Македонија

Британски дипломат не отстапува: Само поделба на Македонија ќе го затвори балканското прашање

Тимоти Лес, поранешен политички секретар во амбасадата на Обединетото Kралство во Скопје, и натаму предизвикува внимание во јавноста откако ја објави својата анализа во „Фореин полиси“, во која заговара формирање голема Србија, Хрватска и Албанија, пишува Дневник.

Притоа за Македонија тој го препорачува рецептот албанското малцинство да добие форма на независност, односно федерализација, а потоа спојување со матичната држава Албанија. Тоа што особено ги запали страстите на Балканот е што се смета дека преку него, всушност, Велика Британија го подготвува теренот за ваква политика.

Лес, кој сега ја раководи агенцијата „Нова Европа“, вели дека во прекројувањето на границите има три сценарија. Прво и најдобро би било за регионот да решат Велика Британија, Германија, Франција, Русија и Турција со надворешна помош на САД. Што за ова мислат народите чија судбина би требало да ја кројат големите сили, овој бивш политички британски секретар не го интересира. Втората е Америка и ЕУ да им го препуштат Балканот на Русија и на Турција, а третата и најлоша, меѓународната заедница целосна да се повлече од регионот, што би ја отворило можноста од нови судири.

Во интервју за хрватски „Јутарњи лист“ тој вели дека по ју-конфликтот било погрешно што се тргнало во формирање мултиетнички наместо национални држави на Балканот и оти тоа било и погрешна оценка на Западот.

– На Балканот нема услови за создавање успешни мултиетнички држави во кои тамошните граѓани, без разлика на националноста, би имале еднакви права, сигурност и економски можности. Тоа е регион во кој постои недостиг од демократска традиција и уставен либерализам, кој на малцинствата им дава самодоверба и доверба во институциите на државата – вели Лес.

Тој притоа истакнува дека „Западот не е во состојба да ги спречи малцинските народи во обидите да се поврзат со матичните држави“. „Босанските Срби одржаа референдум за Дејтон со поддршка на Русија, а од Западот немаше посериозна реакција“, вели поранешниот политички секретар во британската амбасада во Скопје.

Тој притоа истакнува дека не предложил формирање чисти етнички држави.

„Треба да се обезбеди целосна безбедност во Република Српска, Бошњаците да останат да живеат или Македонците што би живееле во делот на Македонија што е мнозински албански“.

На забелешката на новинарот на „Јутарњи лист“ дека реализацијата на неговите идеи значи поделба на БиХ, Македонија и Kосово, Лес вели:

– Тие држави и онака се де факто поделени, така што поделбата што ја спомнувате не е условена со реализација на моите идеи. За да одговорам на тоа прашање мора да го разликуваме процесот од конечниот исход. Kога зборуваме за исходот, сметам дека евентуално создавање на националните држави, на крајот, би било попозитивно отколку негативно, зашто во балкански контекст, територијално дефинираната држава е некој вид политички ентитет, кој би можел на примерен начин да ги гарантира правата и безбедноста на населението.

Претходно објаснив: слабата традиција на либерална демократија, недостиг од доверба меѓу различните етнички групи и тензиите создадени поради сиромаштијата и социјалната неправда најмногу ги погодува интересите на малцинствата. На меѓудржавно ниво формирањето национални држави би го окончало и заслепувачкото натпреварување меѓу балканските земји. Погледнете, односите меѓу Србија и Хрватска, Србија и Албанија или меѓу Албанија и Грција се функционални и ниту една од тие земји на претендира на територии од другата држава, а населението не се плаши дека ќе почне војна. За разлика од тоа малцинските народи во Босна, Македонија, на Kосово чувствуваат несигурност. Убеден сум дека тензиите во регионот ќе исчезнат кога на Србите, Албанците и на Хрватите ќе им биде обезбеден животот во рамките на националните држави. Откако републичките граници беа признати како државни се случуваа етнички чистења, честопати се поставуваа прашања за моралните барања на босанските Срби, кои сакаат да се отцепат од БиХ, додека мнозинскиот народ како Бошњаците и Македонците можат да сметаат на меѓународното право во превенцијата на сецесионистичките обиди на незадоволните малцински народи. Затоа препорачав постепен пристап во формирањето на националните држави во кои ќе учествуваат претставници на мнозинските и на малцинските народи, како и на меѓународната заедница.

На констатацијата дека тоа подразбира приклучување на Западна Херцеговина кон Хрватска, обединување на Албанија и Kосово, како и Србија која се протега до Бања Лука, Лес додава:

– Речиси така. Иако во БиХ е можно некои делови на Република Српска и хрватски подрачја да бидат приклучени кон идната бошњачка држава.

МАКЕДОНИЈА, БИХ И KОСОВО ЦЕЛОСНО ДИСФУНКЦИОНАЛНИ ДРЖАВИ

Својата анализа заснована на етничка географија, Тимоти Лес ја продолжува со тврдењето дека „Албанија, Србија, Црна Гора и Хрватска покажуваат оти е можна внатрешна интеграција на малцинствата“, но притоа како да заборава дека во неговиот план е отцепување и на Прешево, Медвеѓа и Бујановац и спојување со голема Албанија. Затоа, пак, вели дека „во Босна, Македонија и на Kосово постојат незадоволни национални малцинства на етнички хомогени подрачја чии стремежи предизвикуваат перманентни тензии…, а сите три држави се целосно дисфункционални“.

Поврзани вести

Back to top button