Бразилскиот претседател се иселил од резиденцијата поради духови
Претседателот на Бразил Мишел Темер одлучил да се исели од резиденцијата поради „лоши вибрации и духови”. Зборувајќи за неделниот весник Веја, Темер и неговата 33-годишна сопруга Марчела велат дека палатата Алворадо, која ја дизајнирал починатиот бразилски архитект Оскар Нимејер, всушност е морничава.
– Почувствував нешто чудно таму. Од првата ноќ не можев да заспијам. Енергијата не е добра, порача Темер, додавајќи дека почнале да се прашуваат дали е можно во резиденцијата да има духови.
Вилата му се допаднала само на синот на Темер, Мичелзинху.
Веста за селењето на претседателот од Алворадо и враќањето во палатата Јабуру е објавена на почетокот на март, а сега е откриено и зошто тоа го направил. Инаку, палатата Јабуру ја користел како свој дом, додека бил потпретседател на Бразил, а претседателка била Дилма Русеф, сменета во 2016 година.
Овие информации стигнаа во време кога Бразил минува низ тешка политичка криза, предизвикана од корупциски скандал со кој се опфатени многу политички елити во земјата.