Браво: Млада докторка донирала матични клетки за да спаси живот на пациент со акутна леукемија на Клиниката за хематологија
На Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје, денеска се реализира несекојдневен чин на храбост и човекољубие, кога млад семеен лекар донираше хематопоетски матични клетки, со кои ќе спаси животот на пациент кој се соочува со тешка малигна хематолошка болест, а трансплантацијата на матичните клетки е единствената терапевтска опција.
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска ја посети донорката на матични клетки, воедно и докторка, на која ѝ се заблагодари на извонредната храброст и несебичната посветеност да спаси туѓ живот.
– Нејзиниот чин на хуманост и солидарност е надеж, потсетувајќи нè на моќта на заедницата и љубезноста во моментите кога тоа е најпотребно. Им честитам и на колегите од Клиниката за хематологија кои ја практикуваат оваа современа метода во медицината со која еден човек има шанса за нов почеток, изјави министерот Меџити.
Директорката на клиниката за хематологија изјави дека станува збор за редок пример, донорот на матични клетки и пациетот, кој треба да ги прими, не се во роднинска врска, ниту се познаваат, а нивните клетки се совпаѓаат.
– Денешниот чин на докторката е уште еден чекор до задоволството да се биде лекар и да се спасуваат животите на луѓето. Младата докторка која е донор на матичните клетки, во Македонскиот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина при Институтот за имунологија и хумана генетикиа, се пријавила уште кога била студент по медицина, а минатиот месец беше идентификувана како евентуален донор. Не се двоумеше ниту миг, веднаш се согласи да му даде шана за живот на пациент кој не го познава, а боледува од Акутна леукемија, изјави др. Ирина Пановска Ставридис.