Македонија

Бигорски доби резба идентична на постојниот иконостас

Во пресрет на големиот православен празник Христовото раѓање – Божик, познатото македонско древно светилиште, манастирот „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир, доби целивална-резбан исконостас за иконата на Пресвета Богородица, која речиси и да не се разликува во изработката од епохалното дело на Петре Филипов Гарката, кој го изработил највеличествениот иконостас во манастирската црква.

Овој мал иконостас за иконата на Пресвета Богородица го изработил познатиот македонски копаничар, стружанецот Новица Столески, кој на ова скапоцено дело посвети цели седум години деноноќен труд, а како што велат од Бигорскиот обитељ, за овој подвиг дури и се откажал и од своето работно место како подрачен директор на една голема компанија за мобилна телефонија.

БИГОСРСКИ ИКОНОСТАС 2

– Слободно би можеле да кажеме дека речиси се повтори делото на великанот на црковниот дрворез, Петре Филипов Гарката, и воскресна едно најтаинствено и најпрефинето во светски рамки копаничарско предание – преданието на уникатната мијачка резбарска школа. Иконостасот за иконата „Достойно естъ“ се одликува со мошне длабока резба, идентична со онаа на главниот иконостас, така што до ситници е запазен размерот на длабочината, поставеноста на елементите, флоралната орнаментика, извесни минијатури, внатрешните спирални носачи на столбовите. На новата целивална се прикажани настани и мотиви од чудото на Пречистата, поврзано со Нејзината света икона ,која во Бигорски пристигна точно пред седум години, објаснуваат од Бигорската обитељ.

БИГОРСКИ ИКОНОСТАС 3

По идеја и во советување со нашиот старец Партениј, посочуваат, авторот Столески изработи вистински живопис во ореово дрво на чудесното собитие, како еден вид надополнение на приказот од самата икона.

Од Бигорски потврдуваат дека копаничарот Столески, кој повеќе од 30 години професионално се занимава со оваа благородна и ретка дејност и умешност, долги години го проучувал делото на најпознатите мијачки резбари, многупати набљудувајќи го со часови бигорскиот иконостас.

БИГОРСКИ ИКОНОСТАС 4

Сега, нов претстоен подвиг за него ќе биде изработката на слична целивална и за чудотворната икона на Св. Јован Крстител, која, според атонското правило за литургиско уредување на храмот, исто така ќе стои во наосот, од десната страна пред иконостасот, каде што и му е местото.

Поврзани вести

Back to top button