Бадникови поворки во сабота на градскиот плоштад во Скопје и во останатите градови
Под слоганот „Почуствувај радост“ и оваа година традиционално ќе се одржат Бадниковите поворки. Празнувањето на Бадник ќе се одржи во сабота, 6 јануари на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје, но и во останатите градови и населени места во државата.
Како што објавија од Здружението „Бадникови поворки“ на нивната фејсбук страница, најпрвин во 11 часот на Градскиот плоштад во Скопје ќе биде доделена Златна ѕвезда за секое дете кое ќе учествува, а потоа ќе се одржи златен концерт со Златните славејчиња и македонските поп-ѕвезди – Вера Милошевска, Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм), Пере (Нокаут).
По краткиот концерт, како што информираат, ќе ја оформат најголемата бадникова поворка и преку Камениот мост ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски” каде што традиционално сите коледарчиња ќе бидат пречекани и дарувани од Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.
Истовремено, бадниковите поворки ќе се одржат и во останатите градови и населени места во државата.