Апел за помош за малиот Александар: Се бара донатор на коскена срцевина
Почитувани пријатели,
Нашиот Александар, кој има нецели три години, боледува од Бета таласемија. Накратко, се работи за генетско заболување што предизвикува низок хемоглобин и намален број на црвени крвни зрнца.
Тоа значи дека Александар е често подложен на трансфузии на крв за да може да има нормален живот. За целосно заздравување, потребна е трансплантација на коскена срцевина, којашто ќе се направи во странство во блиска иднина – најдоброто време за трансплантација е помеѓу третата и четвртата година.
За тие што сакаат да прочитаат повеќе информации за болеста, кликнете овде
Со цел да ви објасниме подобро како би можеле да ни помогнете, ќе ги одговориме најчесто поставуваните прашања.
Што треба за да се изврши трансплантацијата успешно?
За да се изврши трансплантацијата успешно, потребно е да се најде соодветен донатор на коскена срцевина со кој би имало најголемо генетско поклопување. Идеално, тоа би било некој од најблиското семејство, меѓутоа, за жал, во нашиот случај, поклопување не постои.
Тоа значи дека ни преостанува да се надеваме дека ќе го најдеме соодветниот донатор – или во Македонија, или во странство.
!
Значи, да повториме – се бара донатор на коскена срцевина.
Засега, не бараме донатор за трансфузија на крв и не бараме парични донации.
Како можете ВИЕ да му помогнете на малиот Александар?
Постојат шанси дека токму НЕКОЈ од ВАС е соодветен донатор и дека токму некој од ВАС ќе успее да му овозможи посреќно детство и полесен живот на Александар.
Доколку имате желба да ни помогнете и да се тестирате за да се утврди компатибилност, потребно е да го направите следново:
- Да земете упат од Вашиот матичен лекар со назнака – За Институт за имунобиологија и хумана генетика, Скопје.
- Да отидете во Институтот каде што ќе ви земат примерок од крвта за да се утврди дали сте компатибилни. Институтот се наоѓа во склоп на Клиничкиот центар – Скопје. Клик овде за точна локација.
- За да го направите тестот бесплатно, потребно е да се регистрирате во Македонскиот дарителски регистар на коскена срцевина. Зачленувањето може да се направи во Институтот веднаш непосредно пред одвивањето на тестот. Во спротивно, тестот чини 4.300 денари.
!
Напомена:
Ако одлучите да се зачлените во Регистарот, тоа не значи дека ќе бидете приморани да дарувате коскена срцевина некој ден. Повторно, сите одлуки поврзани со тоа се само и само лично ваши!
Кој сè може да биде донатор?
Донатор на коскена срцевина може да биде секое лице на возраст од 18-55 години што е во генерално добра здравствена состојба.
Крвната група во случајов не е важна – важно е генетското поклопување.
Ќе треба ли да се подложам на операција за да помогнам?
Според последните информации, трансплантацијата на матични клетки се одвива преку инфузија (во 80% од случаите). Накратко објаснето, се уништуваат заболените клетки на пациентот и се дава нова крв.
Доколку ВИЕ сте соодветниот донатор, веројатноста дека нема да има никаква потреба да се подложувате на операција е голема.
Сакам да помогнам, меѓутоа не сум од Скопје. Како можам да помогнам?
Вработените од Институтот се запознаени со целата ситуација и се подготвени да ни излезат во пресрет.
Доколку се соберат повеќе од 20 луѓе од еден град, екипата од Институтот ќе дојде во тој град за да не морате да доаѓате во Скопје.
Моментално, терминот 02.12.2017 е потврден за Гевгелија и Валандово.
Термините за другите градови ќе бидат дополнително објавени.
Ви благодариме на сите за издвоеното време и желбата да се помогне!