Избор на уредникотМакедонија

Ало, една Тамара, итно, не вреди да се коментира дрскоста на пејачка, која смета дека светот чекал таа да нѐ прослави

Тамара беше горда: успеа умешно да не го види злото во Палестина, а и политичките дарови за крштевката на Северна си ги припиша себеси и на својот „вокал“. Но, веќе наредниот ден, Би-би-си ја плесна вистината в очи: во статија напиша дека Македонија конечно се изборила да си избере ново име, а Тодевска го афирмирала достојно со својот силен настап. Се разбира, политичкиот пазар не е ист со оној на гледачите-гласачи, па Северна Македонија остана со утешна награда: влез во финале и „одличното“ осмо место! Целата еуфорија, особено изразена кај политичката каста (вклучувајќи ја и опозицијата, која не смее да си дозволи луксуз да не биде ентузијастичка пред меѓународните ментори), е патетична. На што ли се горди, се прашува човек? Оптимистите и прогресивците сакаа да веруваат дека песната била напредна, феминистичка и оснажувачка песна, а стварноста е дека стануваше збор за песничка приспособена на модерните „идентитетските шаблони“, кои се користат во духот на славење на глобализацијата и човековите права. Ова требаше да биде вин-вин ситуација, баш како и Преспанскиот – низ призма на пазарџиите што тргуваат во стилот „алваџија за бозаџија“ (додуша Србите ни се налутија, ама со Албанците сме си таман, а Грците пуштија срце со еден бод во духот на новото пријателство). Вака или онака, „Евровизија“ успеа за извесно време да ги дефокусира и забави народните маси, кои за миг забораваат на тоталниот морален, социјален, економски и политички колапс во кој живеат. За волја на вистината, но сосема очекувано, обединувањето околу „нашата песна“ не успеа сосема, бидејќи за добар дел од граѓаните пеењето под ново име со „гордост“ беше ставање сол на отворена рана (без оглед на содржината на зборовите и љубовта на мајката кон ќерката). Паднаа и тешки зборови, особено за сметка на дијаспората, за која една од највлијателните политички ТВ-новинарки/уреднички побара од ДИК да ги избрише од избирачкиот список затоа што биле скржавци и не помогнале во победата на Тамара Гордата. Објективно, славење влез во финална вечер на „Евровизија“ потсетува на веќе видени политички финти: доделување државни ордени на спортисти што не освоиле медали, ама предизвикале еуфорија кај среќното граџанство, и второ, продаваш име за да добиеш датум за преговори со ЕУ (а не за членство) – и извисуваш.

Кулминацијата, или поточно антиклимаксот на евровизиското патешествие, беше изјавата на Тамара дека ќе била голема грешка доколку со парите наменети за нејзиното учество сме купеле амбулантни возила. Не вреди да се коментира дрскоста на пејачка, која смета дека светот чекал таа да нѐ прослави, односно дека се небитни сите поети, писатели, уметници, режисери, оперски пејачи, научници итн. Но, несфатлива е громогласната тишина во јавноста. Како е можно да се заборави сето она за што (наводно) се бореа овие што сега ја слават оваа Тамара? Пред само неколку години протестираа и обвинуваа за убиство во здравствен систем без етика и способности. Како стигнавме од таа Тамара до оваа, како е можно министерот што беше нарекуван убиец да е сега амнестиран светец? Изјавата за тоа дека би било штета да се фрлаат пари за амбулантни возила кога можат да се употребат за „Евровизија“ претставува само брутално јасна илустрација за тоа како е затворен кругот: од едната искористена и заборавена Тамара до другава „северна ѕвезда“ со име Тамара. Оваа изјава помага да сфатиме дека „чудесно“ сме се нашле на почетната точка! Сѐ е сменето за ништо да не се смени.

Повеќе во Нова Македонија

Поврзани вести

Back to top button