Свет

Албанците масовно се иселуваат, за десет години околу 537.000 албански граѓани добиле дозвола за престој во земјите на ЕУ

Во текот на 2022 година, албанските граѓани добиле најголем број дозволи за престој, во последните десет години, во земјите на Европска Унија, јави Топ чанел.

Повикувајќи се на најновиот извештај на Европската агенција за статистика, ЕУРОСТАТ, минатата година од земјите на ЕУ дозволи за престој им биле доделени на 73.858 албански граѓани.

Овој број на дозволи за престој е значително поголем споредено со претходните две години. Така, во 2021 година биле доделени 55.085 а во годината претходно 38.240 дозволи за престој.

Според европската статистика, околу 537.000 албански граѓани добиле дозвола за престој во земјите на Европската унија во последните десет години (2012-2022). Најголемиот број на дозволи за престој се поврзани со работа, наведува телевизијата.

Италија води меѓу земјите кои издале најмногу дозволи за престој за албански државјани со издадени 34.864 дозволи, потоа Грција со 14.313 дозволи за престој, додека нов тренд со забележителен раст е Германија, каде во текот на 2022 година, на 13.334 албански државјани им се издадени дозволи за престој наспроти 4.492 во 2021 година.

Во Франција им биле издадени дозволи на 2.455 а во Малта на 2009 албански државјани, што е за двапати повисока бројка споредено со 2021 година.

Оваа висока тенденција на Албанците да емигрираат и да работат во странство донесе на албанскиот пазар недостаток на работна сила во многу области, констатира Топ чанел.

Инаку, земјите од Европската унија во 2022 година издале околу 3,7 милиони дозволи за престој за граѓани надвор од земјите на Европската унија, со зголемување од 26 отсто во однос на 2021 година. Од нив околу 1,6 милиони дозволи за престој се доделени за работа.

Поврзани вести

Back to top button