Албанија ќе го зголемува наталитетот со висок паричен надомест
Во рамки на стратегијата за зголемување на наталитетот, албанската Влада од 1 јануари 2019 година ќе доделува еднократен паричен надомест, во различен износ, за секое новороденче.
– За секое првородено дете на семејството ќе се исплатуваат по 400.000 леки (3.150 евра), за второ 800.000 (6.300 евра), додека за третородено 1,2 милиони леки (9.450 евра). Доколку се родат близнаци или тројка, тогаш сумата се зголемува двојно, односно тројно.
Ова ќе важи за сите новорденчиња во Албанија и нивните мајки ќе ги добиваат парите додека се уште се наоѓаат во гинилокошките оделенија, со цел, како што најави албанскиот премиер Еди Рама. да не се малтретираат со комплицираната процедура.
Според него, ова е само една мерка во правец на зголемување на наталитетот, која ќе важи за сите новороденичиња без разлика.
– Значи, за сите семејства кои ќе добијат принова, а живеат во Република Албанија. додаде Рама.
Според демографските показатели, во Албанија во првиот квартал од годинава е забалежан историски негативен рекорд на природниот прираст.
Државниот Институтот за статистика на Албанија – ИНСТАТ потврди дека во првите три месеци од годинава биле регистрирани 5.669 новороденчиња, што преставува 18 отсто помалку во споредба со истиот период лани. Во истиот период, бројот на починати изнесувал 5.954 лица.
Бројот на новородени во Албанија опаѓа од година во година, како последица на масовната миграција и определбата на младите за семејство со помалку деца.
Статистиката потврдува дека во 2017 година во земјата е забележан најмал број новородени деца од 1930 година, кога албанската држава започна да спроведува попис на населението.
Поради миграцијата и намалениот наталитет, бројот на учениците во основното образование во новата учебна година е помал за 46,7 отсто во споредба со учебната 1990/91 година.
МИА