Измамници од разни непознати дестинации се обиделе преку телефонски повици да предизвикаат непотребни трошоци за граѓаните во земјава. Денеска илјадници граѓани пријавиле дека примиле телефонски повици претежно од префиксот +881 кој не е регистриран како префикс на ниедна земја во светот. Но, до редакцијата на Алсат многу граѓаните пријавија и повици од земји како Литванија и Мадагаскар. Таков лажен повик добил и самиот директор на Агенцијата за електронски комуникации, Сашо Димитријоски. Веќе се преземени безбедносни мерки за заштита на корисниците, а на оштетените граѓани може да им се вратат парите.
Со свои реакции се јавија и мобилните оператори.
Македонски Телеком
„За да ги заштитиме нашите корисници од непосакувани трошоци, компанијата веднаш презеде заштитни мерки. Ги блокираше непознатите броеви и го оневозможи повикот од тие броеви. Апелираме корисниците да внимаваат и да не одговараат на пропуштени повици од непознати броеви за да се избегнат злоупотреби и непредвидени трошоци.“
А1 Македонија
„Случајот веднаш бешеидентификуван, пријавен и преземени се сите мерки за заштита на корисниците. Пропуштените повици во најголема мера биле иницирани од повик на број од сателитскиот оператор Глобал Стар и од Литванија. Случајот ќе биде пријави и во меѓународната Асоцијација ГСМА и форумот Found & Security. Ако корисниците добијат такви повици треба да се сигурни дека не се специфична цел, туку цел на измамниците се случајно избрана листа на броеви од мобилна или фиксна телефонија.“