Жена обезглавена зашто отишла да купува без сопругот
30-годишна жена е убиена со меч во зафрлено авганистанско село зашто сама отишла на локалниот пазар, без нејзиниот сопруг, објавија локалните медиуми. Луѓето што ја обезглавиле може да се поврзани со талибанците.
Инцидентот се случил во селото Лати, во провинцијата Сар-е Пол, во северен Авганистан во понеделникот вечер, соопштил портпаролот на провинцискиот гувернер Забиула Амани.
Според Амани, на жената ѝ била отсечена главата затоа што сама отишла да купува на пазар. Сопругот на жртвата моментално е во Иран, а двојката нема деца, додал тој.
Инцидентот го потврди и шефицата на одделот за женски прашања на Сар-е Пол, Насима Арезо.
„Жената била обезглавена со бајонет прикачен на АК-47, по расправија со талибанци во нејзиното село, кое е дел од главниот град на провинцијата“, рекла Арезо.
Амани рекол дека вооружените лица што ја убиле жената наводно биле поврзани со талибанците. Селото Лати во моментов е под контрола на групата. Талибанците негирале каква било инволвираност во убиството.
Никој не е уапсен во врска со инцидентот досега.
Сар-е Пол е под контрола на талибанците од 1998 година и се смета за небезбедна покраина, со разбојници, крадци и корумпирана милиција.
Активистите за правата на жените во Авганистан се соочуваат со зголемено насилство и малтретирање додека властите се прават слепи на ова прашање, се вели во извештајот на Амнести интернешнел од 2015 година.