Велика Сабота, ден на свештен трепет пред Христовото воскресение
Од времето на страдањето на Господ Христос на крст на Голгота, секоја Велика сабота е исполнета со исчекување на благодатта на Неговото Воскресение.
Смртта на Господ веќе ги воскреснала упокоените праведници во Ерусалим кои им се јавиле на мнозина, а први што трепереле пред можноста да се објави како воскреснат биле непријателите Негови (првосвештениците и фарисеите што побарале да биде убиен). Побарана е стража од римски војници да Му го чува телото. Сепак, Он како оној што невино и неправедно а Божествен претрпел понижувања, страдања и смрт на крст, незадржливо воскреснал. Смртта и пеколот (демоните) не нашле начин да воспостават власт над Таквиот. Воскреснатиот Господ им се јавил на Своите ученици онака како што сведочат Неговите апостоли и евангелисти.
Долгиот богослужбен ден на Велика Сабота завршува длабоко во ноќта со бдението пред Пасха. А на живоносниот Гроб Господов во Ерусалим се празнува Светиот оган. Овој оган од Светиот гроб се пренесува по Светата Земја и ги осветлува сите домови. На денот на великата новозаветна жртва Сонцето на правдата – Христос, го разгорува Светиот оган. Овој празник е востановен со чудото во времето на патријархот Наркисос, кога во недостиг од масло кандилата биле налеани со вода и запалени од оган кој чудесно слегол од небото и за време на пасхалната служба горел како под масло. Древните христијански сведоштва говорат дека незгасливиот оган се чува на Светиот гроб од раните времиња на христијанството. На бдението пред Пасха (Воскресение) во Црквите ширум Православието Епископот, бидејќи е на местото и во образот Христов, самиот ги благословува и ги пали кандилата, а сите други земаат светлина од неговата свеќа.
Упокоение на Свети Методиј Солунски
…
Свети Евтихиј, патријарх Цариградски
Роден е во Фригија од благочестиви родители. Татко му беше офицер. Еднаш момчето Евтихиј се забавуваше со своите врсници, а нивната игра се состоеше во тоа што секој го запишуваше своето име на карпата и покрај името оној чин којшто според насетувањето ќе го добијат во животот. Кога дојде на ред Евтихиј, тој напиша: „Евтихиј патријархот“. Во неговата триесетта година стана игумен на еден амасиски манастир. А кога имаше четириесет години, амасискиот митрополит го испрати наместо себеси на Петтиот Вселенски Собор. На Соборот тој заблеска како пресветла ѕвезда меѓу отците на Црквата, како со својата ученост така и со благочестието. Кога настана препирка за тоа можат ли еретиците после смртта да бидат предадени на анатема, тој го застапуваше мислењето дека можат, повикувајќи се на 3 Книгата Царства 13, 1 – 8 и на 4 Книга Царства 23, 16. Многу му омиле на царот Јустинијан и на патријархот Мина. Царот често го прашуваше за совет, а Мина (кој во тоа време беше мошне богат) го назначи за свој наследник и го замоли царот тоа да биде спроведено и во дело. Така и беше. Свети Евтихиј мирно управуваше со Црквата дванаесет години. Но тогаш ѓаволот крена бура против него. Оваа бура го зафати и самиот цар Јустинијан. Имено, царот се опрелести и падна во монофизитската ерес на автартодокетите, која учеше дека Господ Исус и пред Воскресението имал Божествено и нераспадливо тело, без чувство за глад, жед и болка. Евтихиј одлучно стана против оваа ерес, заради што царот го протера во прогонство во неговиот прв манастир. Овде тој поживеа дванаесет години и осум месеци и се покажа голем чудотворец. Исцелуваше од разни болести со молитва и помазувајќи со елеј. Јустинијан се покаја и умре, а него го наследи Јустин, којшто го врати Евтихиј на патријаршискиот престол, на кој светителот остана до својата смрт мирно управувајќи со Црквата Божја. Во својата седумдесетта година, во 582 г. се пресели во Царството на Господ Христос, Кому верно и храбро Му служеше сиот свој живот.
Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија
Кога персискиот цар Сапор ги ограби византиските земји, одведе во ропство сто и дваесет христијани. Откако залудно ги присилуваше да се одречат од Христа и да му се поклонат на огнот, ги фрли во оган и живи ги изгоре. Меѓу овие маченици имаше и девет девици посветени на Бога. Сите пострадаа чесно меѓу 344 и 347 година.