ФОТО: Проколнато место во кое се слушале страшни гласови и човечки плач
Кога ќе се започне приказна за некои од најстрашните места во САД, на никого не би му текнало дека тунелот Хузак би можел да биде едно од нив.
Овој тунел се наоѓа во руралниот предел на државата Масачусетс и има долга и крвава историја, па така воопшто не чуди фактот дека во него сè уште лутаат луѓе кои ги изгубиле своите животи за време на неговата изградба. Изградбата на тунелот започнала во 1851. година, а кратко потоа работите започнале да се одвиваат лошо по неговите градители.
Најмалку двесте работници загинале за време на изградбата на тунелот, најчесто како последица од експлозии при расчистување на теренот.
Една од најшокантните случки се случила во 1865. година, кога тројца експерти за експлозив, Нед Бринкман, Били Неш и Ринго Кели, одлучиле за прв пат да го тестираат нитроглицеринот, кој бил откриен непосредно пред тоа, за да го расчистат големиот простор и да го подготват за изградба.
Планот бил по активирањето на нитроглицеринот работниците брзо да побегнат во скривницата, но, за жал, на повеќето тоа не им тргнало од рака. Од тројцата експерти се спасил само Кели, а приказната вели дека намерно го активирал експлозивот пред време и се сокрил. По овој инцидент на Кели му се губи секаква трага. Една година подоцна неговото тело било пронајдено на истото место каде настрадале и неговите колеги. Полицијата тврдела дека бил задавен, но никогаш не ги пронашле виновниците за неговата смрт.
Случките кои следеле зборуваат за тоа дека работниците се плашеле да минуваат подолго време во тунелот откако ќе падне мрак, бидејќи од него доаѓале страшни гласови. Работниците биле толку исплашени што нивните претпоставени во еден момент ангажирале експерти за да го откријат потеклото на гласовите. Тие влегле во тунелот и на околу 3 километри од влезот слушнале човечки плач. Во тоа време ниеден работник не бил во тунелот.
Експлозија ја уништила централната станица за пумпата која црпела вода од тунелот, и притоа усмртила 13 работници. Изградбата на тунелот продолжила, но духовите на загинатите продолжиле да ги плашат работниците.
Дури откако телата биле погребани, гласовите во тунелот се намалиле. Тунелот денес е во функција и се користи за товарен сообраќај.