Мицкоски: Едно е сигурно, покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите, но дали ќе има намалување
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека нема да има намалување на функционерските плати, туку дека тие немало дополнително да се зголемат.
„Не знам како е, треба да видат одговорните лица. Едно е сигурно, покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите“ рече премиерот денеска во одговор на новинарско прашање.
Како опозиционер, Мицкоски жестоко критикуваше што функционерите добија зголемување од 78% на платите, благодарение на одлука на Уставен суд.
Тогаш тој бараше тие плати да се намалат, а запрашан зошто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не поднеле иницијатива за враќање на платите на функционерите, Мицкоски своевремено кажа дека тоа не е сторено затоа што нивните иницијативи никогаш не биле прифатени.
„Искуството вели дека секогаш кога ќе се поднесе иницијатива од опозицијата, таа се одбива. За неколку месеци ќе имаме друга влада. Ќе предложиме закон за враќање на платите на функционерите“ рече Мицкоски најавувајќи дека кога тој ќе дојде на власт, платите на функционерите ќе бидат коригирани.