Тетовска епархија добила решение за отстранување на крстот на Попова Шапка
Тетовско-гостиварска епархија денеска информираше дека добиле решение од Општина Тетово за отстранување на поставениот крст на црковниот имот на Попова Шапка. Најавија дека ќе поднесат жалба на одлуката.
-МПЦ ОА Тетовско-гостиварска епархија, своите права во насока на разрешување на даденото прашање ќе ги штити преку достапните правни механизми. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.
– Добивме решение за уривање на крстот, во кое образложението е дека нема дозвола за градба. Но, сметаме дека за крстот не е потребна дозвола за градба, затоа што се работи за урбана опрема. Ќе ги искористиме законските можности и ќе поднесеме жалба, се вели во соопштението испратено од Црковен одбор при Манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка.
Шефот на општинскиот инспекторат во општина Тетово Седат Сулејмани изјави дека е донесено решение за уривањето на крстот на Попова Шапка, но не знае кога ќе биде урнат, пренесува „Телеграфи“ од Косово.
– Има одлука за уривање на крстот. Кога ќе се урива, не знам. Во Тетово има повеќе од 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа, изјавил Сулејмани за косовскиот медиум.
Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16 ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот Свети Наум Охридски Чудотворец.