Криминалното подземје во Скопје моментално се преструктуира и исходот сè уште е неизвесен
На 6 март годинава, Јетон Кривањева бил во познатиот „Шиша-бар“ во Старата скопска чаршија, кога група маскирани и вооружени лица упаднале во локалот и испукале рафали во правец на неговата маса, пишува ПРИЗМА.
Кривањева и уште еден човек, Енес Исени, се убиени и одеднаш Македонија се најде во вителот на војна за превласт врз криминалното подземје, нешто по што земјава не е препознатлива.
Соседните Србија и Црна Гора одамна се познати по ликвидациите меѓу организираните криминални групи, откако во 2015 година избувна војната меѓу ривалските банди што потекнуваат од црногорскиот приморски град Котор.
Годинава се чини редот дојде на Македонија. Се случија четири убиства во три одделни инциденти, мафијашки ликвидации што го насочија вниманието на јавноста кон инаку малку експонираното скопско подземје.
„Криминалното подземје во Скопје моментално се преструктуира и исходот сè уште е неизвесен“, изјави за БИРН висок полициски функционер.
Се верува дека Кривањева, познат како „Жила“, бил шеф на скопскиот криминален клан Дуќанџик, а Исени му бил близок соработник.
Осомничениот за нивното убиство, Блерим Даци е ставен во домашен притвор, но, додека судот да одлучи да го стави во притвор, тој избега во Косово. На 15 јуни, во Приштина, човек за кој се верува дека е Даци доживеа слична судбина – беше изрешетан со куршуми.
Даци наводно бил член на друга, помала скопска криминална банда позната како Барон.
Полициските извештаи и доброупатените извори велат дека причината за убиствата е војната меѓу клановите Дуќанџик и Беланоца поради контролата на рутите за шверц на кокаин од Латинска Америка кон западните пазари, како и за превласт врз патот на нелегалниот канабис, кој од Албанија се движи северно во Европа и на исток во Турција. Се шпекулираше дека групата Барон, чиј член наводно бил Даци, се здружила со кланот Беланоца.
„Криминалното подземје во Скопје моментално се преструктуира и исходот сè уште е неизвесен“, изјави за БИРН висок полициски функционер, кој сакаше да остане анонимен.
Тој вели дека порано скопското подземје било „релативно кохерентно“, бидејќи неколку банди го делеле пленот. Сега имаме општа војна меѓу водачите на клановите.
Некои експерти тврдат дека политички интереси ѝ отежнуваат на државата да расчисти со овие банди.
Извор запознаен со активностите на криминалното подземје во Скопје вели дека групите на етничките Албанци доминираат во главниот град, Куманово и во Тетово, додека етнички македонски групи ги контролираат Велес и Штип.
Европол вели дека на регионално ниво, криминалните групи во Македонија треба да се гледаат како дел од таканаречениот „Балкански картел“, кој, всушност, е добро воспоставена мрежа што стои зад транспортот на големи количества дрога на европско тло.