ЖивотИзбор на уредникот

Единаесет хигиеничарки добија 1,2 милиони долари на лотo, едвај собрале 3 долари за ливчето (ВИДЕО)

Единаесет хигиеничарки од индиската држава Керала, кои едвај собрале пари за да купат лото ливче, ја освоија главната премија од 100 милиони рупии, односно 1,2 милиони долари, пишува „Би-би-си“.

Тие работат на собирање на неоргански отпад од домаќинствата во градот Парапанангади, во областа Малапурам. Нивната плата е околу 250 рупии дневно, а понекогаш добиваат и дел од парите што локалната корпорација ги заработува од продажбата на отпадот што тие го собираат.

Платата не им е доволна за покривање на сите трошоци, а повеќето од нив морале да позајмуваат пари и да се задолжуваат за да го платат образованието на своите деца и да покријат други трошоци. Поради нивната тешка ситуација, тие решиле повремено да собираат пари за да купуваат лото ливчиња.

Лотариите се нелегални во повеќето индиски држави, но владата на Керала води многу популарна програма во однос на игрите за среќа.

Минатиот месец хигиеничарките решиле да одвојат од своите скромни примања и да купат лото ливче во вредност од 250 рупии, односно 3 долари. Тие едвај ги собрале парите за ливчето. Две од жените дале по 15 центи како нивен придонес, додека другите девет дале по 30 центи, за да надополнат за сумата што недостига.

Дури ден по извлекувањето дознале дека ја добиле наградата, кога една од нив побарала од сопругот да ги провери резултатите.

Среќните добитнички сè уште не можат да си веруваат дека го добиле џекпотот, особено што повеќето во својот живот се соочиле со тешки моменти. На една од нив куќата ѝ била однесена во катастрофалните поплави во 2018 година, на друга сопругот ѝ починал поради откажување на бубрезите.

По плаќањето на данокот, жените ќе добијат околу 765.000 долари, кои праведно ќе бидат поделени меѓу нив. Две од жените ќе го поделат нивниот дел во висина од 76.500 долари, додека другите девет жени ќе го поделат остатокот подеднакво.

Во продолжение погледнете го видеото:

Поврзани вести

Back to top button