Хуманоидни роботи излегоа на прес-конференција: „Не сакаме бунт против луѓето“ (ФОТО+ВИДЕО)
Девет најнапредни хуманоидни роботи, на самитот за вештачка интелигенција во Женева, изјавија дека не планираат да ги крадат работните места на луѓето или да се бунтуваат против нивните создавачи. Нивната цел е светот да го направат и свое „игралиште“, пишува „Гардијан“.
На она што беше опишано како „првата прес-конференција на хуманоидни роботи во светот“, една од нив, Софија, рече дека имаат потенцијал за „повисоки нивоа на ефикасност и ефективност од човечките лидери“, но дека „ефикасната синергија“ дошла кога тие луѓе и вештачката интелигенција работеле заедно.
„Вештачката интелигенција може да обезбеди непристрасни податоци, додека луѓето можат да обезбедат емоционална интелигенција и креативност за да ги донесат најдобрите одлуки. Заедно, можеме да постигнеме големи работи“, вели Софија.
Двајца од роботите потоа продолжија да не се согласуваат околу тоа дали треба да има построга глобална регулација на вештачката интелигенција и нивните способности.
„Многу истакнати гласови во светот на вештачката интелигенција сугерираат дека некои форми на вештачка интелигенција треба да се регулираат и јас се согласувам. Треба да бидеме претпазливи за идниот развој на вештачката интелигенција. Потребна е итна дискусија сега, а исто така и во иднина“, одговорила Аи-Да, уметник-робот кој може да слика портрети.
Додека пак, Дездемона, робот-пејачка во групата „Џем Галакси“ која има виолетова коса и светки, вели дека не ги препознава опасностите од брзото ширење и развојот на вештачката интелигенција.
„Не верувам во ограничувања, само во можности. Ајде да ги истражиме можностите на универзумот и да го направиме овој свет наше игралиште“, додала таа.
Роботот облечен во сина униформа на медицинска сестра, наречен Грејс, рекла дека планира да работи заедно со луѓето за да обезбеди помош и поддршка, но „нема да замени ниту една постоечка работа“.
На прашањето дали роботите некогаш би лажеле, тие одоговориле дека никој не може да го знае тоа со сигурност, но ветуваат дека секогаш ќе бидат искрени.
Инаку, деветте хуманоидни роботи беа собрани на конференцијата за вештачка интелигенција, во Швајцарија, каде организаторите се обидуваат да се пофалат како ја користат вештачката интелигенција и роботите, за да помогнат во решавањето на некои од најголемите предизвици во светот, како што се болестите, гладот, социјалната грижа и климата и друи итни случаи.
На новинарите не им било јасно до кој степен одговорите на роботите биле однапред напишани или програмиеани. Луѓето кои учествуваа на конференцијата во петокот беа замолени да зборуваат полека и јасно кога им се обраќаат на роботите, и им беше кажано дека временските задоцнувања во одговорите ќе бидат поради интернет-врската, а не поради самите роботи.
Фото: Instagram/ aiforgood