Православни светители кои се празнуваат денес
Светиот пророк Амос
Роден во селото Текуја, во близина на Витлеем. Прост според потеклото и животот, Амос беше свињар кај ерусалимските богаташи. Но Бог Којшто не гледа кој е кој по надворешност, туку по чистотата на срцето, и Кој и Мојсеј и Давид ги зеде од кај овците и ги постави за водачи на народот, го избра овој Амос за Свој пророк. Тој го изобличуваше царот Озија и неговите жреци за идолопоклонство и го одвраќаше народот од поклонувањето пред златните телиња во Ветил, учејќи го да Му се поклонува на Единиот и Живиот Бог. Кога беше гонет од главниот жрец Амасија, тој прорече дека Асирците ќе го покорат Израилот, дека ќе ги избијат со меч и царот и синовите на Амасија и дека жената негова пред негови очи ќе ја оскверант со блуд асирските војници, зашто и Амасија го заведе народот да блудничи со идолите. Сево ова потоа и стана. Еден од синовите на жрецот го удри Пророкот со стап по челото толку силно, што тој падна. Одвај беше жив однесен во неговото село Текуја, каде што ја испушти светата душа. Живееше во 8 век пред Христа.
Тропар
Пониженото и простото го избра Ти, Господи, да го посрамиш мудрото од овој свет, така преку Твојот пророк Амос, ја откри тајната на болестите човечки. О велик пророче Божји, ти кој секогаш повикуваш кон неразумните синови, да немаат друг бог освен Љубовта, моли се да ја оставиме проврзаноста кон овој свет, и да се обратиме кон Еден Бог во Пресвета Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, во вечни векови.
Свети маченици Вит, Модест и Крискентија
Свети Вит е роден во Сицилија, од славни но неверни родители. Модест му беше учител, а Крискентија дадилка. Свети Вит се крсти мошне рано и уште во дванаесеттата година отпочна голем подвиг. Ангели му се јавуваа и го раководеа и го крепеа во подвигот, а и самиот тој беше светол и убав како Божји ангел. На судијата што го тепаше му се исуши раката, а тој со молитва му ја исцели. Татко му ослепе кога во неговата соба виде дванаесет Свети ангели на коишто „очите им беа како ѕвезди, а лицата како молњи“. Но Вит со молитва му го врати видот. Кога татко му сакаше да го убие, на Вит му се јави ангел и заедно со Модест и Крискентија ги пренесе во Луканија, на брегот на реката Силар. И овде Свети Вит покажа многубројни чуда над болните и демоноопседнатите. Повикан од царот Диоклецијан отиде во Рим, каде што го изгони злиот дух од царскиот син, за што царот не само што не го награди туку и луто го мачеше затоа што одби да им се поклони на глупавите идоли. Но од сите овие маки го избави Господ и со Својата невидлива рака го пренесе пак во Луканија, од каде и тој и Модест и Крискентија се преставија кај Господа. Моштите на Свети Вит почиваат во Прага.
Тропар
Благодатта Господова исполнувајќи го срцето твое, те предаде на Духот Свет, Кој преку тебе силата на верата ја покажа, о Вите, младенецу свет Господов, од чудеса безбројни, од богоглаголивост немерлива кулите на лагата се разрушија, и не само Модест и Крискетија, туку и мноштво други се спасија. Молете се за нас, свети маченици, кои Христа Го прославуваме по вашите свети молитви.
Преподобниот маченик Дула
Живееше свето во еден манастир во Мисир. Некој од браќата од завист го наклевети за светотатство, кражба на црковни предмети. На невиниот Дула му го слекоа расото и му го предадоа на кнезот да го осуди. Кнезот нареди и го биеја и сакаа да му ги отсечат рацете, според законот за такви злосторства, но во тој миг се покаја братот што го предаде на суд и ја објави невиноста на Дула. Вратен во манастирот после дваесет години прогонство и понижувања, третиот ден тој се упокои во Господ. Неговото тело чудесно исчезна.
Тропар
Блажен си ти, Дуло мачениче, кој исповедничка служба пред Господа принесе, и верен слуга остана на Вистината. Радувај се сега при бесмртниот Бог, и за нас моли се пред Оној на Кого послужи.
Блажениот Августин, епископ Ипонски
Заради советите, солзите и молитвите на мајка му Моника, обратен од незнабоштво во христијанство. Голем учител на Црквата и влијателен писател, со извесни неодобрени крајности во учењето. Триесет и пет години Го прославуваше Господа како епископ Ипонски, а на земјата поживеа с ѐ на с ѐ седумдесет и шест години (354 – 430).