Извесна Ивана јаде и пие на сметка на градоначалникот
Општина Ѓорче Петров преку соопштение објави дека извесно женско лице лажно се претставува и по ресторани и кафеани прави нарачки во име на Општината и на градоначалникот Александар Стојкоски. Од општината велат дека случајот ќе го пријават кај надлежните органи.
– Ве информираме дека извесна Ивана во име на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалаци, наводно за општината и градоначалникот. Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со Општина Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување на фактура, велат од Општината.
Оттаму додаваат дека преземале мерки за да приберат докази и да го пријават случајот до надлежните органи и апелираат до угостителските објекти да не подлегнуваат на оваа измама.
– Целосно се оградуваме од постапките на лицето и апелираме до угостителските објекти да не подлегнуваат на измамата. Доколку се соочат со истата бараме да бидеме веднаш известени на контакт бројот во Општина Ѓорче Петров, 02 20/44-411, или на [email protected], како и да го пријават случајот во полиција, потенцираат од општината.