„Бејби банди“ сеат страв низ италијанските градови (ВИДЕО)
Феноменот „бејби банди“ експлодираше за време на пандемијата, а во последните денови се пресели од периферијата во елитните делови на италијанските градови, предизвикувајќи загриженост и страв кај населението. Последниот случај на насилство меѓу бандите малолетници, популарно наречени „бејби банда“ во Италија, се случи во Милано, на централната улица Корсо Комо, позната по модата и ноќниот живот.
Ова е само еден во низата случаи што се евидентирани во последните години, особено за време на пандемијата. Станува збор за малолетници, претежно на возраст од 12 до 17 години, кои формираат помали банди, најчесто во периферните зони, кои ги именуваат по поштенскиот број на таа зона, предизвикуваат нереди и сето тоа го објавуваат на социјалните мрежи.
Нивни жртви се најчесто други малолетници кои напаѓаат кога се сами и кои не се дел од други банди, но сè повеќе има конфликти меѓу самите банди, како и напади врз населението без разлика на возраста. Многу често дел од бандите се и девојчиња.
Изминатиов викенд имаше тепачки и убодни рани на улиците на Милано, во централната зона Гарибалди и Брера, чиј епилог е четири повредени лица, од кои едно е тешко повредено. Причините најчесто се бесмислени, провокации и кавги под дејство на алкохол, а не толку ретко грабежи и кражби на патики и паричници од други малолетници.
По повод честите сцени на насилство на улиците на Милано, гувернерот на регионот Ломбардија, Атилио Фонтана, на својата фејсбук-страница објави дека треба итно да донесе одлуки за зголемување на бројот на силите за спроведување на законот на улиците: армија, карабинери и полиција.
Во последните две години насилството извршено од малолетници ги исплаши италијанските граѓани. Се движат во група, немаат почит кон никого, се собираат на плоштадите, често се движат со велосипеди, ја опкружуваат „жртвата“ и сеат страв.