Мистериозна светлина се појави пред земјотресот (ВИДЕО)
Земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди кинеската провинција Чингхај, предизвикувајќи уривање на дел од Кинескиот ѕид. Сепак, корисниците на социјалните мрежи најмногу ги заинтригираше мистериознaта светлина што се појави на снимката непосредно пред земјотресот.
На многу видеа најпрвин се гледа таа светлина, чие потекло се уште не е утврдено, а тлото веднаш почнува да се тресе, што го истакнаа и корисниците на социјалните мрежи. Некои од нив, пак, тврдат дека може да се работи за експлозија на електричен трансформатор оштетен во земјотресот. Тие објаснуваат дека снимките прво покажуваат блесок, па дури потоа започнува земјотресот, бидејќи светлината се движи со поголема брзина.
Она што е сигурно е дека за време на земјотресот се урнал дел од Кинескиот ѕид, долг околу два метри во округот Шандан. Според извештаите на локалните медиуми, станува збор за фрагмент изграден за време на династијата Минг, која владеела со Кина од 14 до 17 век.