Здравствените придобивки од читање книги
Во оваа особено стресна година многумина одлучуваат да се релаксираат со читање книги. Продажбата на книги расте на глобално ниво. Луѓето сакаат да избегаат од реалноста, а најдобар начин за тоа е да се нурнат во интересен роман.
Но, забавата е само една од придобивките од читањето книги. Истражувањата покажале дека само 30 минути читање дневно може да помогне да се намали крвниот притисок, да се регулира срцевиот ритам и да се намали стресот. Читањето книги е добро за здравјето и на други начини, на пример:
Ја зголемува емпатијата
Истражувањата покажуваат дека стануваме поемпатични и подобро ги разбираме другите со ставање во улогата на раскажувачот или ликовите во книгите. Фикцијата често создава свет со ликови со кои може да се поистоветиме. Соодветно, зголемената емпатија се поврзува и со поголемо помагање, споделување, донирање и волонтирање.
Ја ублажува депресијата
Оние што страдаат од депресија честопати се чувствуваат безнадежни и изолирани, а читањето фикција може да им помогне да ги ублажат овие симптоми. Тоа се случува така што читателот добива увид во ликови што имаат различни пристапи и стигнуваат до позитивен исход, а така читателот гледа дека другите луѓе поминуваат низ слични ситуации.
Ги намалува стресот и анксиозноста
Читањето ни овозможува да се релаксираме во стресните периоди со тоа што ни го одвлекува вниманието од проблемите и ни помага да избегаме во друг свет. Ова „бегање“ може да има големо позитивно влијание и да ги намали стресот и анксиозноста. Впрочем, едно истражување од 2009 година открило дека читањето може да го намали стресот до 68%, повеќе од други практики за релаксирање, на пример, хуморот или јогата.
Помага во соочување со траума или жалење
За луѓето што се во жалост секој ден е болен, а кога ќе изгубите некого, читањето може да ви помогне да го преживеете денот. Автобиографиите и книгите за самопомош се особено ефикасни бидејќи во нив може да прочитате како некој друг се соочил со слично искуство како вашето.
Го зголемува животниот век
Истражување спроведено на 3.600 учесници покажало дека оние луѓе што читаат книги живеат просечно две години повеќе од оние што не читаат. Разликата во долговечноста била значително поголема во споредба со онаа во која испитаниците читале списанија или весници.
Фото: Pixabay
Го подобрува квалитетот на спиењето
Недостигот на сон може да има големо влијание врз умот и телото. Читањето пред спиење е добар начин за смирување на умот и релаксирање што ќе го подобри квалитетот на спиењето. Според едно неодамнешно истражување, луѓето што често читаат пред спиење заспиваат побрзо и спијат подобро.
Добро е за здравјето на мозокот
Многу истражувања покажуваат дека читањето го забавува когнитивното опаѓање кај постарите лица и го зајакнува здравјето на мозокот. Експертите велат дека читањето може да го подобри и краткорочното помнење.
Ги подобрува комуникациските вештини
Не е тајна дека читањето може да ви помогне подобро да се изразувате, но тоа може да ги подобри и комуникациските вештини бидејќи ви помага полесно да се сетите на зборови што ретко ги користите. Освен тоа, со читањето се совладува вештината за разбирање, па така читателот може да стане подобар во учењето странски јазици.
Лектор: Ивана Кузманоска
Автор: Медисон Јогер
Извор: shape.com