Избор на уредникотРелигија

Светата маченичка Харитина

Светата маченичка Харитина

Во детството како сираче беше посвоена од еден угледен христијанин Клаудиј, којшто ја воспита како своја родена ќерка. Дење и ноќе се учеше на Божјиот закон и се заветува да го проживее векот во девственост, како вистинска Христова невеста. Но бидејќи Харитина и другите ги обраќаше во девственост, за неа чу намесникот на царот Диоклецијан, некој Дометијан. Тој испрати војници и ја зедоа од нејзиниот очув, та ја изведоа пред суд. Ја запраша судијата: „Вистина ли е, девојко, дека си христијанка и дека другите ги мамиш приведувајќи ги кон таа нечестива вера?“ Харитина му одговори храбро: „Вистина е дека сум христијанка, но лага е дека другите ги мамам, туку заблудените ги изведувам на патот на вистината приведувајќи ги кон мојот Христос.“ Злобниот судија нареди и косата ѝ ја истрижаа, а главата ѝ ја посипаа со жар. Но Божјата сила ја зачува девицата. Ја фрлија во море, но Бог ја избави и од морето. Ја врзаа за тркало и почнаа да го вртат, но ангел Божји го запре тркалото и Харитина остана неповредена. Тогаш пакосниот судија испрати некои развратни момчиња за да ја осквернат. Стравувајќи од бесчестење Св. Харитина Му се помоли на Бога да ја прими нејзината душа пред да дојдат развратниците да го осквернат телото. И додека на колена Го молеше Бога, нејзината душа излезе и се пресели во бесмртното Царство Христово.

Светиот свештеномаченик Дионисиј епископ Александриски

Роден е во Александрија од угледни незнабожечки родители и воспитан во грчката философија, а потоа и кај Ориген. Како момче ги прочита посланијата на Св. апостол Павле, поверува во Христа и се крсти од Димитриј, тогашниот александриски епископ. Во 247 година стана епископ во истиот град и Му послужи на Бога и на народот Божји како вистински пастир, и тоа под мошне мачни околности. Однадвор Црквата беше гонета од незнабожците, а внатре цепена од еретиците. Притоа уште удри и чума, којашто неколку години ги сотираше луѓето. Тој проживеа три години надвор од Александрија, засолнет од верните, за да не загине пред време. За тие три години напиша многу посланија и други состави за своето стадо, поучувајќи го и храбрејќи го во држењето на Православието. Меѓу неговите списи се наоѓаат и неколку канони коишто Црквата ги прифати. Исто така и неговото писмо против Новацијан се смета за канонско. Управуваше со Црквата седумнаесет години и во 265 година се упокои.

Преподобен Евдоким Ватопедски

Во 1841 година кога во Ватопед ја поправаа костурницата, мајсторите најдоа мошти на некој човек во став на клечење и со икона на Пресвета Богородица во рацете на градите. Необично убав мирис се разлеваше од тие мошти. Не знаејќи ни кој бил тој свет маж ниту кога живеел, монасите му го дадоа името Евдоким и неговите мошти ги пренесоа во црквата во којашто стојат и денес. Од тие мошти настанаа многубројни чудесни исцеленија. На сребреното ковчеже и денес стојат врежани зборовите: „Ова ковчеже за чесната главата на Св. Евдоким го изработи монахот Гаврил, когошто овој светител го исцели од тешка болест.“

Преподобните Дамјан, Еремија и Матеј

Печерски проѕорливци и чудотворци од 9 век.

Поврзани вести

Back to top button