Бонева обвинета дека незаконски прибавила 100 илјади евра за патни трошоци, таа прашува дали имаат отворено постапки против пратеници од власта под исто обвинение
Поранешната пратеничка, Силвана Бонева, ќе заврши на суд за измама со патните трошоци. Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против неа, во кое ја обвинува дека, со измама зела над 100 илјади евра за патарини.
Случајот беше отворен во декември 2017-та година, а истрагата ја водеше обвинителот Артан Ајро. Сега откако обвинителниот акт е поднесен се очекува одлука на Кривичниот суд дали ќе прифати овој случај да влезе во судница.
Бонева е осомничена дека од први јануари 2011 до 16 август 2015-та година како пратеник во Собранието приложувала лажни фискални сметки од патарини за 904 патувања на релација од Струмица до Скопје, а за тоа и биле исплатени над 100 000 евра.
Обвинителството тврди дека има докази оти Бонева имала сместување во главниот град и дека нејзиното возило поминало 100 илјади километри помалку отколку што требало да има изминато ако навистина патувала секој работен ден.
„Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања“, соопштуваат од обвинителството.
Бонева на Фејсбук реагираше за обвинението и вели дека обвинителството не ги земало во предвид доказите кои таа ги доставила.
„Очигледно е дека Обвинителството воопшто не ги зело во предвид вештачењето и доказите што ги доставив, со кои се побива нивното обвинение. Борбата за вистината и правдата ќе ја водам до крај, ако треба и надвор од македонските институции, со цел оваа тортура и валкање на моите чест и углед да престанат
Уште од самиот почеток на овој театар наречен СЈО кажав дека ова е политички реваншизам и обид за јавно линчување на дел од поранешното раководство на ВМРО, со цел дискредитирање на Партијата и раздор во единството и сплотеноста на членството, до нејзино комплетно разнебитување.
Зарем мислите дека ако имаше било каков криминал од моја страна дека јас немаше досега да бидам осудена?! Спротивно на законот 2.5 години ја влечеа истражната постапка и не успеаја да најдат апсолутно ништо незаконско и сега и покрај истекувањето на законскиот рок за поведување на постапка, тие продолжуваат!
Во деновите што следат, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе поднесам барање до обвинителството за тоа дали по допрен глас, пишување на медиуми или кривични пријави, имаат отворено постапки против пратеници од власта под исто обвинение, во која фаза се наоѓат тие и дали имаат поднесено обвинение против некој друг пратеник?“, прашува Бонева.
Пресметките за патните трошоци се автоматски и се прават според цената на горивото, километрите и оддалеченоста на местото на живеење и нив ги прави автоматска програма во законодавниот дом. Пратениците добиваа по 30 проценти од изминат километар од продажната цена на еден литар гориво, но по реакциите во јавноста, тоа беше намелено на 20 проценти.
Со законските измени, се доби и можност пратениците од внатрешноста наместо да патуваат, да добијат стан под кирија до 400 евра и платени сметки до 100 евра. Но, оваа опција од 2018 година кога беше воведена, ја искористиле само 16 пратеници.За три години, пратениците од последниот парламентарен состав земале и до 47.000 евра. Вкупно за патни трошоци на пратениците се потрошени 1милион 496 илјади евра.