Uncategorized

Православни светители кои се празнуваат денес

Светиот маченик Луп

Овој свет маж беше слуга кај Свети Димитриј, војвода Солунски. Кога Свети Димитриј беше убиен со меч од царот Максимијан, Луп ги потопи во крвта на маченикот полите од својата наметка и својот прстен. Со таа наметка и со тој прстен тој потоа вршеше многу чуда во Солун, исцелувајќи ги луѓето од секоја мака и болка. За тоа дозна царот Максимијан, којшто дотогаш се имаше задржано во Солун, па заповеда и Луп да го мачат и убијат. Но војниците што ги исукаа мечовите на Луп ги свртеа еден против друг и си зададоа тешки рани меѓусебно. Бидејќи Луп иако беше христијанин с ѐ уште не беше крстен, Му се молеше на Бога некако да го устрои неговото Крштение пред смртта. Во тој миг се излеа вода од облак врз Светиот маченик и така прими крштение одозгора. После големи маки го убија и се пресели во Небесното Царство.

Светиот свештеномаченик Поти епископ Лионски

Свети Поликарп го испрати од Мала Азија во Галија на проповед. Стана прв епископ Лионски и многумина ги преведе од незнабоштво во христијанство. Во времето на гонењето на христијаните во 177 година на суд беше изведен и Потин: го донесоа на раце, бидејќи беше стар деведесет години. Проконсулот го праша: „Кој е христијанскиот Бог?“ Старецот Потин пак одговори: „Ќе дознаеш ако се удостоиш со тоа.“ Незнабожците навалија на него со стапови и со камења и безмилосно го тепаа. Го фрлија во затвор, каде што од ударите за два дена се упокои и се пресели во Небесното Царство.

Светиот свештеномаченик Иринеј Лионски

Во младоста му беше ученик на апостолскиот ученик Свети Поликарп, којшто го испрати на проповед во Галија. По маченичката смрт на Свети Потин за епископ го поставија Иринеј. Во своите многубројни списи тој час ја изложува православната вера час пак ја брани од еретиците. Пострада за Христа во времето на царот Север, во 202 година, со илјадници други христијани (деветнаесет илјади).

Свети Виктор

Пострада во Марсеј, во 3 век. После тешки измачувања беше фрлен во затвор, каде што ги обрати во верата Христова чуварите. Умре распнат на крст.

Света маченичка Еба

Света Еба помладата била игуменија во големиот манастирски комплекс во Колдингам, на шкотската граница кон Северното Море, основан два века претходно од страна на света Еба постарата, ќерка на нортумбрискиот крал и сестра на светите Освалд и Осви. За време на данското завојување на Шкотска во 879 година, света Еба стравувала за својата девственост, зашто Викинзите биле познати по силувањето и масакрирањето на жените. Ги собрала монахињите во параклисот и ги храбрела да направат како што направила таа. Имено, со брич си ги расекла носот и горната усна за да ги одврати напаѓачите од силување. Целото сестринство го следел нејзиниот пример. Нивниот изглед толку ги згрозил завојувачите што сите монахињи биле спасени од силување, но не и од смртта – Данците го запалиле манастирот. Сето монашко сестринство исчезнало во пламенот, а нивните непорочни души се населиле во Царството на вечната Христова Светлина.

Поврзани вести

Back to top button