Oваа се фирмите што зеле државна помош, а не им дале плата на вработените
Според УЈП, станува збор за 708 компании кои за април и мај зеле околу 385 илјади евра од државата за субвенции на платите, но не им ги исплатиле на нивните вработени.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска на прес-конференција соопшти дека станува збор за 281 работодавач во април кои примиле поддршка во износ од 9.995.565 денари, а не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработен и во мај 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари.
Како што рече Лукаревска, од направената анализа е утврдено дека 120 даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај, а осум даночни обврзници исплатиле помалку плата за двата месеца.
Најголем дел од фирмите се од Скопје – 84, потоа Тетово 38, Гостивар 23, Струга 20 и Куманово 16.
Од Владата најавија дека ќе побараат Обвинителството да покрене постапка за утврдување кривична одговорност против одговорните лица во компаниите.